Се окрупнува фронтот за уривање на власта предводена од Заев
Левица отворено најавува дека ќе застане на страната на политичките чинители кои имаат за цел рушење на власта на СДСМ и ДУИ. Ценејќи го, како што велат, антивладиното и проопозициско расположение на членството, поддржувачите и симпатизерите, ќе биле клучните политички актери кои ќе го зададат финалниот удар за пад на „Заевизмот“ и ДУИ. Сепак се децидни дека одбиваат коалиција со било кој друг политички субјект, без разлика дали се работи за коалиција со власта или со опозицијата.
Во овој момент, општокорисно е да се следи бранот на антивладиното настроение на народната волја, против погубните политики на квислингот Заев и корумпираните структури на ДУИ, кои ја имаат окупирано секоја пора на општеството, за конечна детронизација на нивните мафијашко-криминални клики во заминување – информираат од Левица.
Првиот човек на Левица, Димитар Апасиев како пример дека развлстувањето на СДСМ и ДУИ било започнато, го посочи новото мнозинство во Град Скопје. А ако се суди според изјавите на претседателот на СДСМ Заев, главниот град е и тоа како важен, социјалдемократите да ја задржат власта.
Актуелната владина коалиција на СДСМ и ДУИ ќе биде опозиција во Градо Скопје. Следуваат многу подобри денови во раководењето со градот, во корист на сите жители на Скопје и на неговите општини. Досегашната парламентарна опозиција во македонското Собрание, преку своите освоени советници во Град Скопје на последните Локални избори 2021, обезбедија апсолутно мнозинство од 24 советници од вкупниот број на 45 советници во Советот – информираа од Левица.
Инаку, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ повеќепати го повикуваше раководството на Левица да се приклучи кон стратегијата за уривање на Власта, но и претходно јасно го искажуваа ставот, дека нема да коалицираат со ниту една партија.
Адријана Алексиеска