Стоилковски: Злосторничко здружување во Битола, Охрид, Кочани – докази за поткуп во Крива Паланка
Еден глас – 200 евра, предизборен поткуп, притисоци врз граѓани, злоупотреба на Единицата за специјални задачи. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ објави документи кои според нив уште еднаш докажале како власта врши злоупотреба на државните институции да извојува победа на вториот круг од локалните избори. Првиот скандал е поврзан директно со избраниот градоначалник на Крива Паланка од редовите на СДСМ Сашко Митовски кој преку социјалните мрежи контактирал со командирот на полицијата во истиот град.
„Првата работа која што ќе ја соопштиме се точни и прецизни документи кои ни го потврдуваат сомнежот дека е вршен поткуп во Крива Паланка каде неформално главен на групата е Љупчо Николовски. Првиот доказ е разговор на активист на СДСМ Новица Груевски со веќе избраниот градоначалникот на Крива Паланка од СДСМ Сашко Митовски.
Сашко – Нафаќат се пак за 200 евра.
Новица – Тие се од збор ако кажат ДА така ќе биде.
Сашко – Да! Сабајле се договараме.
Новица – З…. ѕверче си.
Сашко – Знаеш дека нема да оставам на случајност ништо.
Новица – Знам и ради тебе веруем дека ќе ги добиеме у Паланка! – објави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.
Закани за полицаец кој објавил знаме со сонцето од Кутлеш на социјалните мрежи – ова било уште една тема на разговор помеѓу градоначалникот на Крива Паланка и командирот на полицијата, од кои се гледа дека планираат да го елиминираат од неговото работно место.
Стоилковски обвини и дека се злоупотребува Единицата за специјални задачи. Групи на доверливи лица од Единицата за интервенции биле пратени вчеравечер во Битола, во цивилна облека и необележани возила на МВР, но и во Кочани и Охрид. Како координатор на овие групи во Битола, наводно бил Васко Ковачевски, а целта на службениците, била заплашување на народот, терор и подмитување, со цел задржување на локалната власт од страна на СДСМ. Од партијата информираа дека сите докази ќе ги испратат до надлежните институции но и странските набљудувачи во изборниот процес.
Адријана Алексиеска