Ново задолжување од 131,7 милиони евра

Државата се задолжува за близу 132 милион евра. Министерството за финансии по аукција на државни хартии од вредност издаде 12-месечни државни записи без девизна клаузула, со камата од 0,5%. Ова е прво задолжување за месецов, а наредното е најавено за 31 месецов. Од почетокот на годинава, ова е 5-то задолжување. За разлика од претходниот случај кога немаше раздолжување, владата утре и на 8 март ќе врати 137 милиони евра.

Во овие два месеца, Владата се задолжи за вкупно 245 милиони евра, а врати неполни 44 милиони евра. Овие задолжувања и раздолжувања се предвидени со буџетот за годинава. Министерството планира нето задолжувањето на домашниот пазар да достигне 200 милиони евра.

Последните податоци покажуваат дека јавниот долг се зголеми и достигна 48.9% од БДП, односно надмина 5 и пол милијарди евра. Во среднорочната фискална стратегија, Владата си овозможи да продолжи со зголемување на јавниот долг кој до крајот на годината може да достигне 50,4% од БДП.

Дека Македонија се повеќе се задолжува предупреди и заменик министерката за финансии, Гордана Димитриевска Кочовска реагира дека само од јануари до сега нето задолжувањето е 52 милиони евра. Данокот на добивка има помала реализација во однос на лани и тоа за 17,75%. Данокот на добивка не е остварен за 27,01% во однос на планираното, односно за јануари – февруари годинава.

Аналитичарите често критикуваат дека државата позајмува пари, но не ги вложува за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, односно дека троши за исплата на плати, пензии и надоместоци.

Во меѓувреме, реализацијата на капиталните инвестиции, односно изградбата на патишта, болници, училишта, е недоволна. Само во јануари беа потрошени минимални 6 и п ол милиони евра или 1,6 % од планираното за цела година. Во 2018-та, реализацијата на капиталните инвестиции беше на катастрофално ниво од 65%, додека лани беше нешто подобра, односно достигна 78% од планираното.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста