Два подметнати пожари избувнаа вечерва во околината на Скопје

Два пожари вечерва беснееја во Скопје. Едниот во атарот на селото Арачиново, другиот на планината Водно, кај селата Сопиште и Ракотинци. И двата подметнати како што соопштуваат од Противпожарната бригада Скопје. Командирот Владимир Симоновски, вели пожарите се локализирани и не претставуваат опасност за граѓаните.

-Во моментов има два активни, едниот кај Ракотинци и Сопиште. Кај Сопиште е локализиран, значи нема опасност кон население на тој. Се работи за догасување кај делот за Ракотинци. Првично се пристапува кон гасење од делот кој предизвикува опасност за население и за материјални работи. Се постапува и на догасување на делот со ниска шума, посебно за делот во Арачиново. Станува збор за трска и стрниште, во текот на вечерта ќе биде локализиран, изјави Симоновски.

Поради понепристапниот терен, четири возила на Противпожарната бригада се справуваа со пожарот кај Сопиште и Ракотинци, додека со едно возило се гасеа пожарникарите во Арачиново.

Инаку, ова за жал не е прв пат жителите на Македонија и главниот град Скопје, да бидат во опасност поради подметнати пожари. Во минатите години имаше доста такви случаи, но за жал во поголемиот дел сторителите останаа непознати за институциите и минаа неказнето. Покрај полицијата, ригорозни казни за подметнување на пожари, најави и градот Скопје. Вечерва прашавме, но одговор се уште не добивме, дали градот досега има пријавено некого за подметнување пожар.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста