Новите мерки на Владата – дискриминирачки, невакцинираните во недела на протест

Гнев и револт кај граѓаните по одлуката на Владата да се ограничи влезот за невакцинираните во угостителските објекти. Реагираат дека ваквата одлука е дискриминирачка и оти ги крши основните човекови права. Најавуваат протест на 15 август точно на пладне пред Собрание, од каде ќе бараат мерката да биде повлечена.

„А зошто дозволивте гастербајтерите да дојдат без никаков доказ за вакцинација или негативен пцр , да изнаправат свадби и други веселби и пак да се вратиме на почеток. Сега удри по народот кој слепо ги прати сите мерки од самиот старт. Вакцина на сила е фашистички чин, вакцинацијата не е задолжителна, туку доброволна“

„Толку незнаење и нерофесионалност немам видено, а со новата забрана за движење на невакцинирани луѓе се прекршува уставното право на секој човек“, пишуваат корисниците на социјалните мрежи.

Дека мерките кои ги таргетираат невакцинираните се дискриминирачки предупредува и епидемиологот Драган Даниловски, кој алармира дека ваквата одлука на Владата ќе предизвика уште подлабоки поделби и притисоци. За Даниловски, мерката нема никаква епидемиолошка смисла. Тој вели дека со доминантиниот делта сој, студиите укажуваат дека ефикасноста на вакцините е зџначително намалена на 36 проценти кај вакцинираните со една доза, односно 64 отсто кај оние кои примиле две дози на „Фајзер“. „Ако земеме предвид дека кај нас преку 70% од вакцинираните се со кинески вакцини, можеме да замислиме колкава им е заштитата на вакцинираните само со една доза…“, алармира професорот Даниловски.

„Ако потврдите се замислени со нив да се направи притисок за вакцинирање, тоа веќе нема смисла. И да се вакцинираат поголем број, полната заштита со Синовак ќе ја добијат после 9 недели (3 недели меѓу двете дози, плус 6 недели после втората доза – додека почнат антитела да се формираат). Значи, тоа сега не е приоритет. Сега треба да биде приоритет израмнување на епидемиската крива преку рестриктивни мерки на места каде што е најголем интензитетот на ширење на вирусот – свадбите, веселбите, угостителските објекти, обложувалниците, јавниот сообраќај…“, вели во својот став професорот Драган Даниловски.

Од Министерството за здравство пак информираат дека рестрикции за невакцинираните имало и во други западно европски земји – Данска, Австрија и Унгарија беа меѓу првите земји кои во март оваа година воведоа здравствени сертификати, а вакви мерки се актуелни и во Португалија и Ирска, додека во Луксембург вакциналниот сертификат е задолжителен и при влез во маркетите. Во овие земји веќе има и масовни антивакцинални протести.

Во меѓувреме, во Македонија на располагање на граѓаните за имунизација со прва доза им се 200.000 вакцини или 80.000 Синовак, 50.000 Aстра Зенека и 70.000 Фајзер. Дополнителни количини на Фајзер пристигнуваат секој понеделник по околу 30.000 дози. Од Министерството нема одговор што се случи со 200.000 дози на руските вакцини Спутник В кои беа порачани директно од производителот, но никогаш не пристигнаа во Македонија.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста