Рестрикции без епидемиолошка логика и без анализа – не стивнуваат реакциите на јавноста за ковид мерките

Не стивнуваат реакциите на јавноста по одлуката на Владата да го ограничи движењето на граѓаните кои не се имунизирани против Ковид-19. Претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска, преку социјалните мрежи прашува како ќе се воспостави редарска служба во угистителските објекти и според кое овластување некој што не е службено лице ќе ги легитимира граѓаните за да ја утврди веродостојноста на сертификатот за вакцинација?

„Во држава во која нема функционален здравствен систем, во која луѓето се вакцинираат од донации и за третирање болести се собираат донации за лекување преку смс пораки, министерот за здравство ќе воведува редарска служба заради контрола на приложување доказ за вакцинација при влез во секаков вид на објект. Ова ја надмина по иновативност мерката да ве идентификуваат угостителите дали вие и лицата со кои седите на иста маса сте од исто семејство, која не можеше да се спроведе“, пишува Арсовска на Фејсбук.

Дека мерката нема епидемиолошка логика алармираат и експертите. Професорот Дејан Трајковски од Битола, во пост насловен како „Држава навикната на измами“ вели дека одењето на свадба по само една примена доза од вакцината дополнително ќе ја влоши епидемијата.

„Одењето на свадба по само една примена доза, без ден чекање, нема апсолутно никаква здраворазумска логика, освен да се сфати како начин луѓето да се мотивираат или да се наградат за вакцинацијата. За ограничување на растот на бројките не станува ни збор. Напротив, луѓето дополнително ќе се охрабрат за разуздано однесување и ќе ја разгорат епидемијата“, пишува Трајковски.

Фотографии на социјалните мрежи сведочат за гужви и непочитување на протоколите на свадбите каде се гледа дека во затворен простор се „врти“ оро без маски и без задолжителната физичка дистанца. Од друга страна, не е подобра сликата ниту пред шалтерите на МВР каде стотици граѓани секојдневно се туркаат за да извадат лични документи. Ваквите фотографии ги загрижија докторите, кои коментираат дека допвра ги чека полни раце работа во ковид центрите.

Од Министерството за здравство пак се пофалија дека значително бил зголемен интересот за вакцинација. Во последното деноноќие над 8000 граѓани примиле прва доза од анти ковид вакцината. Медиумите пренесуваат дека утрово невообичаен метеж имало пред вакциналниот пункт во Поликлиниката „Јане Сандански“ каде голем број граѓани чекале да бидат имунизирани.

Инаку в недела на пладне пред Собранието ќе се одржи протест против најновите мерки на Владата.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста