Нов скандалозен тендер – Владата за 350 илјади евра, преку мистериозна фирма ќе не убедува колку било убаво во ЕУ
Нови 350 илјади евра ќе даде Владата да ги убедува граѓаните за убавината од членството во Европската Унија. Малку беа 80 илјади евра од Секретарјатот за европски прашања на Бојан Маричиќ и кампањата „Ние сме Европа“, па сега Владата ќе троши уште повеќе народни пари.
- „Промотивната кампања која е предмет на договорот има за цел да креира свесност за придобивките од евроинтеграцискиот процес и членството во ЕУ за граѓаните на Македонија, да ја информира јавноста преку структурирани и лесно разбирливи информации за конкретните придобивки од евроинтеграцискиот процес и членството во ЕУ за граѓаните на Македонија,“ одговараат од Илинденска на прашањето на Алфа.
Владата ќе не убедува дека ЕУ е позитивна работа, иако мнозинството граѓани не го ни спорат членството туку патот до него односно преговарачката рамка и бугарските уцени.
Од Илинденска на прашањето на Алфа одговараат и дека ќе ги информирале граѓаните за реформите врзани со евроинтеграциите и приближување на европските вредности .
- „Исто така има за цел да ја потврди и зајакне посветеноста на Владата на Република Македонија на европскиот пат и остварување на стратешката цел полноправно членство во ЕУ и да придонесе кон поширока поддршка на процесот на европеизација на општеството“ велат од Владата за Алфа.
Владиниот секретаријат ќе даде 18 ипол милиони денари за изработка на слога, дизајн на лого, изработка на графички стандарди, комуникациска и креативна стратегија, дизајн на билборди, промотивни видеа и видео анимации, веб банери, графички решенија за социјални мрежи, ПР стратегии.
Кампањата според договорот треба да трае 45 дена и за тоа време скопската фирма „Вертиго НМЕ“ треба да обедбеди и дигатално рекламирање на социјалните мрежи за предностите како членка на ЕУ.
- „Кампањата треба да трае 45 дена и да се реализира по склучувањето на договорот за јавна набавка и по поднесеното барање за започнување на кампањата, а по завршувањето на подготвителните активности за реализација“ – стои во Договорот .
Договорот е склучен со „Вертиго НМЕ“ ДОО Скопје за која овој договор е прв според сајтот за јавни набавки.
На скопска фирма телефонскиот број кој може да се најде на интернет – не постои. Побаравме и официјална веб страница, но и тоа беше без успешно со името кое е наведено во договорот. На пребарување на интернет не може да се најде ништо за оваа фирма, ниту што работеле ниту како работеле иако во Централниот регистар е заведено дека таа е била формирана во март 2011 година.
Пред само два месеци владата односно Секретарјатот за европски прашања на Бојан Маричиќ одвои 80 илјади евра за едно-месечна кампањата „Ние сме Европа“ со која требаше да ги убеди граѓаните за уставните измени, а кои се повеќе се евроскептицисти според мерењата на јавното мислење.