Незгодните прашања кои се надвор од Пи-Ар стратегијата на Владата, стануваат „лажни вести“?

Дали прашањата за сензитивни теми кои не и се допаѓаат на власта, се етикетирани како лажни вести? Министерот за здравство, Венко Филипче вчера запрашан околу тоа дали ќе има набавка на респиратори, за многу повисока цена од нормалната, обвини дека прашањето било лажна вест. Сепак не демантираше дека на јавниот повик пристигнала понуда по многу повисока цена, како што стоеше во прашањето на новинарот.

-Вие треба да знаете дека Министерството за внатрешни работи има обврска да ги прати ширењето на лажните вести, посебно во оваа ситуација која што е многу осетлива, која граѓаните многу будно ја пратат и може да створи паника, изјави Филипче.

Во време на вонредна состојба медиумите остануваат на првата борбена линија заедно со полицијата, војската и докторите. Ако ние не бараме одговори како ќе бидеме гласот на народот? Затоа е нејасно зошто новинарско прашање се карактеризира како лажна вест? Се поставува прашањето дали вонредната состојба, власта ќе ја искористи за замолчување на медиумите, а можеби и некои построги мерки.

-Јасно стои во Уставот дека човековите права можат да бидат ограничени во воена и вонредна состојба, но ограничувањата не можат да се однесуваат на заштита од тортура, правото на живот, слободата на говор, правото на мисла, јавното изразување на мислата, изјави Каракамишева.

Сепак ова не е прв пат, актуелната власт и претходно ги напаѓаше медиумите чија уредувачка политика не им се допаѓа.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста