Неуспешна мисија на европските булдожери, бугарското вето останува бетонирано, Заев не одржа прес конференција

Неуспешна мисија на ЕУ. Пакетот со решение за деблокада на бугарското вето кон Македонија не ги помести црвените линии на официјална Софија. Еврокомесарот за проширување Оливер Вархји и португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва со ваков исход од денот без изјави за медиумите и одговор на клучните прашања за иднината на земјава заминаа од Скопје. Одлучија во неколку минути снимени изјави да се изјаснат. Далеку од очите на јавноста зад затворени врати во клубот на пратеници со двете раце на гради ги пречека Премиерот Зоран кој и покрај тврдиот став на Бугарија и натаму е оптимист – предлогот бил добра основа за постигнување решение за проблемот.

Португалскиот прв дипломат Аугусто Сантош Силва не ги убеди бугарските челници, но тврди дека проширувањето било важен процес за целата Европа и гаранција за стабилен регион.

За бугарските власти пак останува клучно да се одржат добрососедските односи и да се добијат потребните гаранции за спроведување на Договорот за добрососедство.

Македонскиот премиер Заев вчера пак зборуваше за можно решение во јуни, но ваквите позиции на Софија се само потврда дека тоа нема да биде возможно без исполнување на нивните услови.

И додека Вархеи и Силва нудеа решение за двете страни,  бугарската новинска агенција БГНЕС веќе имала увид во предлозите на португалското претседателство, па во посебна анализа појаснува дека тие се втемелени на идејата проблемот меѓу Скопје и Софија да не се решава низ преговарачката рамка за членство во ЕУ, туку преку процесот за стабилизација и асоцијација. Според документот, властите во Скопје треба да изготват акциски план, односно патоказ преку кој низ процесот за стабилизација и асоцијација ќе се следи спроведувањето на Договорот за добрососедство. Во анализата на документот што им бил ставен на увид, предвидено е двете земји да потпишат паралелни еднострани декларации за преземените обврски.

Инаку за потсетување Бугарија лани ги блокираше македонските интеграции со тврдење дека соседот кандидат за членство не ги исполнува обврските од меѓусебниот договор, најмногу поврзани со историјата, јазикот и идентитетот.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста