Експерти за Алфа: Власта да се справи со сивата економија и корупцијата, а не да зголемува даноци

Власта да размислува за менување на даночната политика, но само откако ќе го реши проблемот со сивата економија и корупцијата, кои на големо се навлезени во економијата, вели за Алфа даночниот експерт Павле Гацов. Според него, со ваквиот став на Владата, се праќа порака дека се исплаќа да не се плаќаат даноци. Иако прогресивното оданочување се одложи за 2023-та уште кога во Министерството за финансии седеше Нина Ангеловска, сега од Владата не ја исклучуваат можноста да биде вратено и порано, што според даночните експерти е неприфатливо и тоа може да биде последна опција.   

  • За да се размислува за менување на даночната политика, претходно власта има милијарда активности кои треба да ги реши. За било што да се прави мора прво да се испразни оној базен кој е полн со сива економија, и со корупција, кои се вистински рушители во даночното олеснување, па тек тогаш може да се размислува, но само минимално, вели меѓу другото даночниот експерт Павле Гацов.

По предлогот на МАНУ за зголемување на даноците, а и ставот на Владата за промена на даночната политика, вицепремиерот Фатмир Битиќи согласен повторно да се воведе прогресивно оданочување. За него за одредени дејности треба да има и намалување на персоналниот данок.

  • Даночната реформа значи воведување на прогресивното оданочување, јас велам – зошто да не. Кризата покажа дека некои богати станаа уште побогати. Заради идеолошкото верување, сметам дека треба да има прогресивно оданочување. Богатите треба да платат и да вратат на посиромашните. Ако тоа значи воведување на нов данок за посиромашните, велам не, затоа што на нив им должиме за да излезат од прагот на сиромаштија и да почнат да живеат достоинствено, рече Битиќи. 

По најавите за зголемување на даноците, реагираат и од опизицијата. Велат дека тоа е признание за економското фијаско, како и дека Македонија е пред банкрот со инфлација од 3%, а тоа не е решение на проблемите.

  • Ги гледам како признание за економското фијаско кое и се случува на Македонија, долгот со Зоран Заев во апсолутни бројки порасна за 2 милијарди и 800 милиони евра, во проценти е некаде околу 63% од БДП, односно ја надминува онаа прихолошка бариера од 60% која е и Мастришки критериум за членство во Европската унија, критикуваше Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Сепак, за сите даночни реформи ќе се чека да завршат консултациите кои најверојатно ќе траат шест месеци. Од дебатите со експертите ќе се знае дали има потреба од воведување и на кризен данок како што беше ситуацијата во 2001 година.

Пандорината кутија за зголемување на даноците ја отвори академската фела. МАНУ ѝ препорача на Владата и позасилена борба со даночната ерозија и сивата економија која изнесува 40%, но и кратење на непродуктивните трошоци, како набавка на возила и мебел, за полесно справување со постковид предизвиците.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста