,,Некрстените  денови’’  Руски  или Американски

,,Некрстените денови’’ Руски или Американски

При еден настап на фолклорната група Русалии еден од видните гости, западен дипломат, прашува организатори и учесници: Дали можеби овие групи се поврзани со Русија со оглед на сличноста со името – Русалии? Навистина, османлиските дефтери за да определат нечие потекло ја употребуваат наставката (ly-лија). На пример човек со потекло од местото Сарај – Сарајлија. Во тој контекст можеби играорците Русалии претставуват одредена традиција донесена од Русија. Одговорот е сложен, особено затоа што Османлиите потеклото од Русија најчесто го опишуваат со Москов-лија. Сепак, предлагаме одговорот на ова вонредно интересно прашање да биде истовремено негативен и потврден и секогаш со добра намера да веруваме дека нашата култура е важен мост помеѓу истокот и западот.
Русалиите се дел од нашиот фолклор кој внесува тон на мистериозност во генезата не само на комплетното народно творештво туку на одреден начин загатнува одредени општествени односи.
За оние кои прв пат се среќават со овој фолклорен феномен станува збор за група играорци во Југоисточниот регион дојдени од Егејска Македонија. Со посебна носија оваа група во деновите пред Водици и Јованден во таканречените ,,некрстени денови’’ настапува со своите игри. Се игра во дворови и на сред село заради собирање на пари за изградба на црква или друго општествено добро. Со посебнa кореографија, додатоци кон облеката, потоа носењето на сабја, ред и војнички поредок. Познати се легендите од меѓусебни несакани средби на две групи со крвави судири дури и смрт за некој од учесниците. Денеска постојат локалитети наречени Русалиски гроб кои исто се дел од интересни приказни. Обичајот на молчење во некрстените денови е главен императив за Русалиите.
Можеби војунитските села опишани во пописите на отоманите се токму местото каде треба да се бара нивното потекло. Војунити се оние поданици коишто, наместо данок, поаѓаат во војна на страна на цезарот, а покасно султанот. Имаат право на носење оружје. Возможно е воените кампови да ја задржале својата функција низ вековите од римските легии наваму во форма на обични села и населби.
Во некои елементи нашите Русалии се слични на романските Калушари. Одредени извори велат дека овие обредни игри во Романија и Украина се пренесени од Македонија и Тракија, а други пак во обратен правец.
За Калушарите пак, исто наречени и Русалии, се тврди дека се наследници на римските легии. Во игрите користат дрвени колци изострени како копје и нивните облеки и капите според одредени етнолози се наследство на познати воени редови.
Романија како дел од својата богата историја ја има познатата Диплома на Јоанитите со која им се дозволува на рицарите Хоспиталиери да ги штитат границите на Влашко во средниот век.
Ако го прошириме дијапазонот на идеи и тези, треба да потсетиме дека во Македонија била присутна токму Десеттата римска легија наречена – Фортензис. Плоча во еден од светските музеи сведочи дека на реката Струма легионерите изградиле мост. Тоа се војниците коишто биле во најважните случувања во Јудеја и Галилеја, односно приказната за нивната средба со Крстителот Јован.
Oваа средба е од особено значење за светскиот поредок независно од тоа дали е протолкувана правилно или наменски. Согласно преданието војниците го сретнале Пророкот Јован на реката Јордан за да го прашат како би можеле да добијат дел од Царството небесно. Тој им дава насоки. Да не дејствуват надвор од својата служба и да работат чесно. Значи, за разлика од пророкот Исаија не бара од војниците да ги расковат мечовите и да ги направат плугови за орање. Напротив, овде војската добива своја чесна задача. Да биде лојална и чесна во задачите.
Од тука натаму трансцеденцијата навлегува во храбриот човек кој носи оружје и неговата дејност добива можност да биде важна и чесна во вековите и на христијанството. И, тука се лоцира легендата за Јоанитите.
Низ вековите терминот Јоанити ќе доживее разни појавни облици но, сепак ќе успее да ја задржи својата суштина на чесен војнички ред. Нам познатите хоспиталиери во средниот век побарале да ги обезбедуват поклониците на патот кон Ерусалим. Јаничарските корпуси во своите основни организациони и функционални елементи потсеќат на легионерите. Нив ги организира везирот Чандарли по примерот на западните рицари.
Во одреден период Големиот магистер на редот на хоспиталиерите бил со потекло од Балканот. Од тие времиња постојат фолклорни записи дека народот на Балканот учествува во одбраната на Родос и на Малта на страна на јоанитите. Еден од руските цареви ќе ја добие улогата на Голем магистер. Руската армија се реорганизира по пример на западот. За војската на Царска Русија на Балканот уште се користел и називот ,,Бај Иван’’. Некои пишуват дека јоанитите од Русија заминале на запад 1917 година, а некои во одредени служби го читаат нивниот траг и денес.
Достоинствено денеска постои Рицарскиот ред Ordo Hospitallier познат уште како Малтешки ред. Со своја дипломатска и службена самостојност. Според некои извори, нивните меѓународни заложби ги направиле практично основачи на Северноатлантскиот воен пакт .
Европските фондови финансират истражувања во словенскиот фолклор на Балканот и Украина кои препознават учество на Јоанитите и другите редови во народните носии, во домашните предмети, усното предание. Станува збор за архаични симболи врз предмети кои биле користени за ознака на камповите или пак од основачи легионери на семејства или кланови. Такви се познатите фигури на четири перца кои се крстовидно поставени исто како на знамињата на јоанитите. Денеска ваквите форми може да се забележат на килими, везови на постелнина кои се среќават единствено во ретки продавници за сувенири или останале во стари објекти. Тука се народните песни, легенди, играорни и други традиционални содржини во таа насока.
Дали нашите Русалии се всушност архаичен предок на јоанитското политичко и социјално дејствување во светот е интересно прашање. И сериозна задача за истражување. Нашиот фолклор треба да се истражува во тој правец дополнително. Европската унија како што поддржува такви проекти во Бугарија, Романија и Грција треба што е можно поскоро да ги поддржува и во Македонија.
Волшебно е како нашиот фолклор може да открива и да зборува за потеклото на редица идеи и институции кои се развиле на западот.
Веројатно заради натпреварот со империјална Русија и ,,судирот на цивилизациите’’ западот на словенскиот дел на Балканот не сака искрено да му погледне во очи.
Тој ,,варваризам’’ некако ни се залепил за кожата со смесата опишана во делата на американскиот дипломат и автор Семјуел Хантигтон и неговото определување на ,,словено православната цивилизација’’ како една од седумте врз кои западната цивилизација треба ,,многу да работи’’.
Во меѓувреме во некои од ,,варварските цивилизации’’ дојде до сериозно подигнување на воената сила, економскиот раст и се претворија во закана за мирот и економијата на западната цивилизација.
Фукујама предвидуваше дека историјата ќе заврши. Негов ментор беше токму Хантингтон. Ете, не само што историјата не заврши туку таа продолжува со нов ритам и рима, а Русалиите уште играат. Трансцеденцијата во политиката и војната е чудна и присутна за оној што може да види. Патем и Фукујама се откажа од неолибералите на менторот, па премина на страна на неоконзервативците.
Идната година 2025 кога Русалиите ќе престанат да молчат, на денот на Свети Јован 20 јануари согласно уставот на САД традиционално ќе се изврши Инаугурација на новиот Претседател на САД кој се избира во оваа 2024 година. И многу од работите во светот ќе бидат јасни.
Во меѓувреме Русалиите молчат до Водици и денот на Свети Јован Крстител. Да не ги чуе непријателот.

Пишува Петар Трајков
Фото Русалија

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста