Најтеатарскиот град во земјава – Прилеп и во 2024-та влегува без новиот театар, а ветуван со години
И на прагот од изборната 2024-та година, останува неизвесно дали и кога ќе започне изградбата на со години ветуваниот нов театар во Прилеп. Најтеатарскиот град во земјава, кој безмалку шест децении е домаќин на единствениот Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, а локалниот театарски ансамбал е еден од најуспешните, останува да си живее со пустата желба наречена „нов театар“. Прилепските театарџии и понатаму си работат во очајно лошите услови од еден век старата зграда на НТ „Војдан Чернодрински“ без елементарни услови за професионална театарска дејност. Нов театар нема, а од НУЦК „Марко Цепенков“, под чија „капа“ работи Театарот, не успеавме да дознаеме до каде е овој проект, бидејќи директорката не одговори на нашите повици и пораки. Но, затоа, пред пред Нова година, министерката за култура изрази надеж дека годинава театарот ќе го бидело, ама вината за доцнењето ја префрли кај локалната власт.
„Повторно имавме застој од неколку месеци каде што од Секторот за урбанизам во Општина Прилеп не можевме да го добиеме одобрението за градба, заради некаков активен процес кој што требаше да се заврши за одреден временски период. Јас се надевам дека тоа е завршено и во 2024 одделивме средства во Буџетот и дека конечно ќе можеме да започнеме со изградба“, – пред дваесетина дена изјави за одредени медиуми, министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојческа.
Од општина Прилеп пак велат дека уште во септември со одлука на општинскиот Совет се направила техничката исправка на ДУП-от со што биле отстранети сите пречки и дека оттогаш се’ било во рацете на Министерството.
Изградбата на новиот театар во Прилеп, помпезно ја најави уште екс-премиерот Зоран Заев, кој во декември 2020 година, од срцето на Прилеп се пофали дека изградбата ќе започне веќе во 2021 година. Ама и по три години оттогаш, од новиот театар нема ни абер.
„Во моментов се трансферираат 4,5 милиони денари на сметка наменска, посебна на Прилеп за изработка на главниот проект за театарот кој што следната година ќе почне да се гради“ – изјави Зоран Заев, на 19-ти декември 2020-та година.
Инаку, новиот театар треба да биде надограден на постоечкиот Центар за култура, односно во продолжение на Галеријата каде сега има угостителски објект, за кој, како што неофицијалн дознавме, лани направил нов договор за користење на овој простор за период од две години.
Каролина Дурло