Не се планира полициски час ниту карантин, Филипче уверува дека место во болниците има

Засега не се размислува за воведување на полициски час, ниту викенд карантин, вели министерот за здравство Венко Филипче. И покрај објавите во дел од медиумите дека неделава членовите на Комисијата за заразни болести ќе разговарале за ограничување на движењето во ноќните часови, од 21 до 5 часот наутро, министерот на став оти состојбата со корона вирусот се следи, а мерките кои Владата ги донесе очекувал да дадат резултат.

„За сега сметаме дека овие мерки се сосем доволни, еве и оваа дополнителна рестрикција за забрана за групирање. Во следниот период ако се почитува ќе даде соодветни резултати“, вели министерот за здравство, Венко Филипче.

Но, граѓаните исплашени – преку социјалните мрежи секојдневно апелираат до надлежните час поскоро да се воведе полициски час, со цел вирусот да се стави под контрола. Згора на ова границите се отворени за влез на странски државјани без ПЦР тестирање. Дополнително, Косово викендов воведува долг карантин, што ќе предизвика голем број косовски граѓани неработните денови да ги минат кај роднини и пријатели во Македонија. Ова пак отвора друг проблем – опасност вирусот да се внесе однадвор, а бројот на ново заразени да се дуплира.

Од денеска на сила е нова антикорона мерка – забрана за групирање на повеќе од четири лица на јавен простор, која ќе важи за целиот ден. Мерката има за цел да го ограничи групирањето во градските паркови каде традиционално се собираат големи групи на млади луѓе. Но таа нема да важи за зелените пазари и јавниот превоз каде според надлежните веќе имало протоколи за работа.

Алармантна е состојбата низ болниците ширум земјава. Капацитетите се речиси преполни, а пациентите кои се лекуваат дома, помош бараат преку социјалните мрежи. Министерот пак вели, голем дел од апелите за лекување не биле вистинити.

„Апелите за помош кои што ги гледаме и ние на мрежите апсолутно директно ги комуницираме за да видиме за што станува збор. И не секогаш се виситина. Ги комуницираме луѓето, прашуваме каде имале проблем, каде се сместиле? Многу луѓе на своја рака одат и се лекуваат во приватните болници. Еве и сега има слободни болнички кревети во сите интерни клиники кои што се целосно мобилизирани, кадарот, капацитетот ослободен да лекуваат пациенти со Ковид“, додава Филипче.

Од вчера, земјава чиј здравствен систем е речиси пред колапс, даде зелено светло за лекување на српски и албански државјани во домашните болници на товар на државниот буџет. Мерката треба да важи и за македонските граѓани кои ќе побараат лекарска помош во Србија или Албанија.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста