Не е информиран или не сака да каже – Премиерот не знаел што работи преспанската комисија за ревизија на историјата

Не е информиран или не сака да каже – Премиерот не знаел што работи преспанската комисија за ревизија на историјата

Ниту премиерот не знае што работи комисијата за преговори со Грција – или можеби и тој крие. Димитар Ковачевски избегна директно да одговори на новинарското прашање, зошто граѓаните го плаќаат ова тело со 7000 евра секој месец, повеќе од 60 месеци.

  • „Во комисијата со Бугарија учествуваат исклучиво историчари. Во комисијата со грција учествуваат и дипломати. Така да, за сите информации кои што се однесуваат на нивното работење, одговорите може да ги добите во самите комисии и во министерството за надворешни работи.“ – Изјави премиерот Ковачевски.

Но и покрај бројните прашања на Алфа ТВ до нив, од МНР молк. Последно, се повикавме и на препораката од премиерот.

  • „- Премиерот Ковачевски ни порача да се обратиме кај вас, за повeќе информации околу тоа, што сработи комисијата за образовни и историски прашања со Грција.
    – Ве молам за повеќе информации, кога последен пат се сретнале и каде?
    – По промената на таблите пред спомениците, дали има нови препораки?“ – Беа најновите прашања на Алфа ТВ до МНР.

Како во минатото, така и сега, одговор од МНР не добивме. Од министерството излегоа со половични податоци, само откако се повикавме на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер – на кое пак ни одговорија дека сме барале класифицирани податоци, без да образложат за степенот на класификација или да потврдат дека тоа навистина е така.

Одговор побаравме и лично од членовите Људмил Спасов, Ана Чупеска и Никос Чаусидис, кои пак ни порачаа оти информација може да сподели само претседателот на ова тело, Виктор Габер. Дипломатот Габер пак, не се одважи да одговори на дописите и телефонските јавувања од ТВ Алфа. Единствено, професорот по историја и член на преговарачкиот тим, Далибор Јовановски, ни порача оти работеле многу и редовно, но, без конкретни информации за тоа, што навистина работат и за кого преговараат.

Сепак, обидите на МНР и Османи да ја обвијат комисијата во тајност не им успејаа до крај. Истражувањето на Алфа ТВ откри дека во последниве пет години, 7 члениот тим за историски и образовни прашања со Грција, граѓаните го платиле скоро половина милион евра и тоа само за плати, без да се пресметаат други тропшоци, како оние за пат, сместување и состаноци. Но и понатаму останува енигма, на што работат или дали воопшто работат.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста