Насреде вистинска пандемска експлозија, во прилепската Болница се ангажира медицински персонал, исклучиво по партиски клуч ?!
„Јас сум виша медицинска сестра со повеќегодишно искуство во струката, не само дома, туку и во странство, но, ете, никако не можам да дојдам до работно место и покрај многубројните досегашни апликации, како во прилепската Болница, така и во здравствените установи во соседните градови, иако сум била во првите десет на ранг-листата. Вака ја започнува својата приказна, една крајно разочарана, но и многу револтирана прилепчанка, која сакаше да остане анонимна, плашејќи се од последиците.Таа тврди дека и среде ваква пандемска експлозија, наместо според знаењето и стручноста, медицинскиот персонал, се ангжирал според партиски клуч.
„Не знам дали воопшто повторно треба да се јавам и да прашам, затоа што добив одговор – жалам, сето оди преку партија. Обиди се да те стават на листата од партијата, на списокот од партијата…На претходното интервју кое траеше едвај дваесет секунди, директорот отворено ни кажа – право на директорот е да ги одбере кандидатите кои ќе бидат примени“, – вели нашата соговорничка.
Нашата соговорничка, вели дека летоска била ангажирана во еден од Ковид – одделите. Но само на месец и половина, по што и покрај пофалните зборови од надлежните за нејзината стручност, ангжаманот, кој инаку бил без договор, не и бил продолжен, што дополнително ја разочарало.
„Јас искрено се обидов на повеќе начини, преку пријатели, преку врски, како што прават сите – да бидам повикана. Меѓутоа, не успеав во тоа, од кои причини – не знам. Ми беше дадено до знење дека сето оди преку партија. Дека од партијата им се јавуваат и ги праќаат медицинските сестри.“, објаснува оваа млада виша медицинска сестра.
Ова не е прв пат да има јавни поплаки дека во прилепската Болница и покрај алармантниот недостиг од медицински пероснал, се вработуваат само партиски подобни лица, честопати и недоволно стручни. Неодмана на социјалните мрежи излезе и тонски-запис од разговор помеѓу извесна кандидатка со искуство и влијателна медицинска сестра, а која пак, е главниот филтер за изборот на кадрите.
„Да си се преслушаш денеска и утре да ми се јавиш. Јас ќе ти кажам што одлучиле сите фактори, бидејќи кај тебе случајот е специфичен, не можам сама да одлучам, ќе се консултирам со сите, со Богоески и со Партијата. Морам да прашам.“, – вели во телефонската снимка главната медицинска сестра.
Актуелната директорка на Болницата пак, Кети Смилеска, за Алфа ги демантираше сите овие наводи. Според неа, во Болницата немало партиски врботувања.
Каролина Дурло