Наместо Македонец најден како „Burger“ – Холандија се збуни со државјанството

„Во потрага по мојата националност“ – вака младиот македонски иноватор, Дарко Божиновски кој живее во Холандија го почнува написот на социјалните мрежи за непријатното искуство што го имал таму. Обичната формалност која не би требало да трае повеќе од 10 ина минути, се претворила во вистинска потрага во холандскиот систем за тоа што е Дарко. Тој ги убедувал дека неговата националност е Македонец, но системот не го прифаќал тоа. Еден административец не можел проблемот да го реши сам, па на помош дошле уште неколку.

Госпоѓата: Дали сте сигурен дека тоа е вашата националност?
Дарко : Па да. Имаше некаков договор помеѓу Македонија а и Грција, името на државата беше променето, меѓутоа националноста се уште е Македонец (барем така треба да биде). Може да проверите Македонец/граѓанин на Северна Македонија.
Госпоѓата: Господине, и тоа не може. Чекајте да проверам на интернет. (бара нешто…).Аха, ќе пробам Бивша југословенска Република Македонија.
Дарко: Во ред, пробајте.
Госпоѓата: И тоа не може. Чудно, многу чудно.(Се смее) Не можам да ве внесам во системот. Чекајте ќе прашам некои од колегите.

По половина час, нервозни реакции и внесување на 10ина различни поими, но без резултат, дошла на помош уште една жена која на крај ја решила ситуацијата.
„5 луѓе се обидуваат да ја одгатнат мојата националност. А самиот не можам да помогнам. Сите можности на коишто помислив веќе беа употребени. На крај доаѓа една женичка од нејзините колеги и ја решава ситуацијата. И вика на госпоѓата: Треба да внесеш граѓанин на Република Северна Македонија или на холандски тоа е (Burger van de Republiek Noord-Macedonie). И така до зацврстен идентитет, раскажува Дарко.

На објавата на Божиновски со коментар се јави министерот Димитров. Тој тврди дека се реагира и вели дека Министерството ќе продолжи да настојува Преспанскиот договор доследно да се спроведува во сите држави. По ова следуваа бројни бурни реакции, граѓаните коментираа дека се чувствуваат излажани и продадени. Некои му порачаа на министерот дека еден ден ќе одговара.

Ова не е единствен ваков случај. Пред неколку месеци македонскиот државјанин Никола Божиновски објави дека во Колумбија го пишале Грк со образложение дека отсега Грција била надлежна за македонските пасоши.

Бојана Димитријевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста