Му одбројува ли бројчаникот на Караџовски како шеф на Комисијата за заштита од заразни болести – Министерот Сали за Алфа потврди дека ќе го шири, а можеби и менува составот

Новиот министер за здравство ќе донесе и промени составот на Комисијата за заштита од заразни болести.  Последниве денови се погласни се шпекулациите дека Жарко Караџовски ќе биде променет од прв човек на Комисијата. Беким Сали, кој застана на чело на здравство за Алфа потврди дека промени ќе има во следниот период.

Планирам во најбрзо време да се разгледа можноста и потребата од проширување на составот на ова тело, како и да се преиспита начинот на досегашното функционирање. Кога станува збор за заштита на здравјето на граѓаните, нема простор за компромис. Навремената и профисионална одлука треба да биде прв преоритет во дејствувањето на Комисијата, во координација со сите важни чинители во однос на заштитата на јавното здравје вели Беким Сали за Алфа телевизија.

Во јавноста протекоа информации дека  доктор Даниловски и доктор Пановски се можна замена за досегашниот претседател Караџовски. Даниловски уште веднаш на социјалните мрежи напиша дека не планира да седне во Комисијата, бидејќи не е прифатливо за него да ја жртвува својата автономија.

– Не прифаќам било чиј предлог за членување во Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство. Овој мој став се темели на свесноста дека Комисијата за заразни болести никогаш не може автономно да функционира, колку и да се трудат членовите така да биде! Зошто? Затоа што таа претставува само советодавно тело на Министерот за здравство. Таа нема ингеренции да носи извршни одлуки, туку само заклучоци, кои му ги предлага на Министерот. Тој може, ама не мора, да ги прифати. Крајната одлука е само негова и би требало да биде извршна.. напиша Даниловски на Фејсбук.

Доктор Пановски за Алфа одби да зборува на оваа тема, со став дека досега не добил никаква понуда. Предлогот за промена доаѓа од партијата на Милевски кои најавија дека биде ставено на маса пред новиот владин состав. 

Инаку, Комисијата од кога почна пандемијата ја води епидемиологот Жарко Караџавски. Во повеќе наврати, кога Македонија ги бележеше највисоките пикови во пандемијата,  Комисијата за заштита од заразни болести како и првиот човек беа недостапни за јавноста и новинарите.

Во јуни 2020 година, кога бројот на новозаразени порасна и покрај уверувањата на владата дека се е под контрола, Караџовски удри со навреди и ароганција кон новинарите. Епидемиологот знаеше да изјави и дека граѓаните се криви за високите бројки бидејќи не ги почитуваат препораките. Најголема прашина се крена кога Караџовски најави дека владата ќе чека здравствениот систем да колабира за да воведе полициски час.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста