Министерот за образование не знае колку наставници и ученици се заразени со корона вирус

На почетокот на второто полугодие министерот за образование не знае колку наставници и ученици се заразени од корона вирус и колку се во изолација. Наставата ќе се одвива со физичко присуство, со одлука на Комисијата за заразни болести во координација со Министерството за образование. Јетон Шаќири смирува – сите директори го известиле дека училиштата се подготвени за овој модел на настава, а за тоа каква е епидемиолошката состојба ќе се знае деновиве.

-Најважна информација е дека училиштата се подготвени. Најрадосен сум што во училниците видов деца кои се радосни за почетокот на второто полугодие и дека се во училиштата. Ќе бидеме во секојдневна комуникација со претставници на сите училишта за нови случаи и секој ден ќе ја имаме предвид реализацијата на наставата. Директорите кажуваат дека нема огромен број позитивни наставници, професори или деца, рече Шаќири, додавајќи дека не може со претпоставки да одговори како ќе се одвива наставата и дека ќе се почитува секоја препорака на надлежната Комисија за заразни болести.

На задоцнетото второ полугодие му претходеа низа реакции во јавноста – родителите се уште се со поделени ставови. Едните бараа настава со физичко присуство и без маски, други пак онлајн настава. Дека е премногу рано за опуштање, алармираа и многу доктори.

Меѓу најгласните беше и микробиологот Никола Пановски кој повеќе пати апелираше наставата да се одвива од далечина бидејќи бројот на заразени се уште е висок. Доктор Нико Беќаровски пак, предлагаше комбиниран модел на настава.  И покрај сите апели, Комисијата за заразни болести донесе одлука за настава со физичко присуство. Денеска настава од дома следеа само учениците кои се во изолација но и ученици од две средни училишта во Битола каде се вршело реконструкција на училишните згради.

Министерството за здравство минатата недела најави и скрининг на учениците по случаен избор. Шаќири вели дека утре ќе знаат како ќе се одвива тој процес.

Скринингот на учениците за ковид-19 се размислува да биде со брзи тестови, кои не се премногу на број, но 10 000-20 000 тестови се на располагање и ќе биде на случајни ученици со цел да ја видиме вкупната застапеност на вирусот во овие старосни групи, изјави денеска доктор Александар Петличковски, кој е нов претседател на Комисијата за заразни болести.

Во врска со барањата на дел од родителите, учениците да не носат маски, Шаќири изјави дека ќе имал средба со тие групи што мислат различно но дека протоколите кои се донесени од здравствените власти, треба да се почитуваат.

Адријана Алексиеска

Поврзани вести