Министери без НАТО сертификати – Опозицијата бара оставки

Помина речиси една година откако Македонија е членка на НАТО, а најмалку двајца министри се уште немаат безбедносен сертификат. Опозицијата обвинува – причина е или нивната вмешаност во корупција или соработка со служби на земјите кои не се пријателски настроени кон НАТО. Власта пак, се правда, постапката е во тек.

Најголемата опозициска партија отвори скандал во кој обелоденуваат дека првиот човек на полицијата Спасовски, но и министерот за правда Маричиќ се без сертификати, бараат оставки од нив.

Има две работи кои што се факт, прво дека двајцата немаат безбедносен сертификат, за тоа што да имаа ќе презентираа пред јавноста дека имаат безбедносен сертификат. И со самото тоа што двајцата потврдија дека немаат безбедносен сертификат ги потврдија наводите на ВМРО-ДПМНЕ  – појасни Николоски.

Од партијата посочуваат дека немањето сертификат за двајца министри го доведуваат во прашање кредибилитетот на државата. Власта меѓутоа реагира дека Македонија ги остварувала сите права и ги реализирала сите обврски како полноправна членка на НАТО на идентичен начин со сите останати 29 земји сојузници.

Административните постапки за стекнување безбедносни сертификати се идентични за сите држави членки и може да траат и до шест месеци, а пандемијата дополнително го пролонгира тој процес.

За Министерот за внатрешни работи, постапката е во тек, а за министерот за правда, ваков документ воопшто не е ни потребен-велат од Владата.

Според големината на државата меѓу 500 и 600 македонски државјани треба да добијат сертификат за безбедност од НАТО, а постапката за барање е почната за околу 300 државјани – истакна директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации – Стојан Славески – институцијата преку која одат сите барања за безбедносен сертификат.

Славески за Радио Слободна Европа изјави дека десетина државјани кои поднеле барање за сертификат биле одбиени од Алијансата – не ја поминале безбедносната проверка оти имало одредени безбедносни пречки. Сепак, за ниту еден од одбиените не требало да се води кривична постапка.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста