„Фокус“: Што го поврзува Додик со ИТ-фирма која го „освојува“ македонскиот пазар?
Добитник на 10 тендери чија вкупна вредност е околу 1,5 милион евра – толку заработила ИТ компанија која на македонскиот пазар постои нешто повеќе од една година. Неделникот „Фокус“ ги анализира тендерите кои ги добила ИТ – компанијата „Инфинити Енерџи ИТ Солушнс“ од групацијата што се смета за блиска до најмоќниот и највлијателен политичар во Република Српска и Босна и Херцеговина, Милорад Додик. Српскиот член на Претседателството на БиХ и лидер на Алијансата на независни социјалдемократи, Додик е повеќе од пет години на црната листа на Соединетите Американски Држави. Неделникот пишува дека фирмата која се отворила во октомври 2020 година во Македонија, проработела шест месеци подоцна односно првиот тендер го добила во април минатата година.
Најважниот договор „Инфинити“ го склучила со македонското МВР во јануари годинава за набавка на компјутери, печатачи, скенери, машини за печатница, во вкупна вредност од 60 милиони денари, или над 975.000 евра, што претставува две третини од вкупната вредност на договорите за јавна набавка што ги склучила компанијата во државава пишува Фокус.
„Инфинити Енерџи ИТ Солушнс“ беше актуелизирана од потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кој отворено ја поврза оваа фирма со Додик. Потоа, експресно стаса реакција од МВР на чело со министерот Оливер Спасовски. Од таму потврдија дека склучиле договор со „Инфинити“ за набавка на комјутери. Демантираа дека тендерската постапка била незаконска, како и дека во прашање била доведена безбедноста на државата, но не и поврзаноста на Додик со македонската компанија.
Но пред договорот со МВР, пишува неделникот, најпрво фирмата добила партнерски тендер со друга фирма од Дирекцијата за технолошки и индустриски развојни зони тежок 130 илајди евра. По два месеци во постапка со еден понудувач го добива вториот тендер овој пат од Катастарот на недвижности за информатичка и комјутерска опрема од околу 156 илјади евра. Меѓу другите „Инфинити Енерџи ИТ Солушнс“, добива тендер и од Владата, која, во име на повеќе институции, склучила договор за државни испити од 125.000 евра. За потсетување, ова е истата работа, која претходно ја вршеше компанија поврзана со екс генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, кој сега е на обвинителна клупа.
Македонската „Инфинити“, според „Фокус“ добила уште неколку релативно помали ИТ-тендери од скопски „Водовод и канализација“, Фондот за здравствено осигурување, МАРНЕТ..
Викторија Миткова