Мицкоски од Инфективна: Пописот да се одложи за септември, локалните избори да бидат во ноември

Пописот да се одложи за септември, локалните избори да се одржат во првата половина од ноември, бара лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Во писмо од инфективната клиника, каде се лекува од Ковид 19, бара помош од меѓународната заедница. Пишува дека Македонија, како и другите држави од светот се соочува со нов бран на коронавирусот, но во исто време се наоѓаме и на дното во Европа по број на вакцини.

-Борбата против тешката епидемиолошка ситуација, во недостаток на вакцини, комбинирано со теренски попис, ќе го стави во сериозен ризик за јавното здравје. Јас не се сомневам во потребата од кредибилен попис, но во овој момент не е време за истиот. Ние мора да сме фокусирани пред се на борбата против здравствените предизвици кои се пред нас. Откако ќе се надмине здравствената криза ние можеме повторно да се насочиме на пописот, пишува Мицкоски.

Покрај здравствената криза, Мицкоски уште еднаш потенцира дека проблем за одржување на оваа статистичка операција е и политичката криза. Подвлекува дека проблемот во немањето на консензус во врска со прашањето околу пописот е само во владата на Заев.

-Прашања како пописот, во поларизирано општество како нашето, мора да се решаваат со целосен политички консензус. Немањето на ваков консензус, не донесе до слепа улица, при што единствена солуција која останува е одлагање на пописот. Во оваа динамична ситуација, каде ситуацијата на терен се менува на дневно ниво, се плашам дека  одиме кон уште еден голем предизвик за јавното здравје. Во оваа насока пописот би можел да создаде КОВИД кластери, пишува Мицкоски.

Мицкоски вели дека тој лично сега знае низ каква голгота минуваат заразените со потешки симптоми и нивните семејства, порачувајќи дека тоа мора да биде аларм за институциите. За можно одложување на пописот сега проговори и директорот на Заводот за статистика, велејќи дека е возможно само ако биде побарано од Комисијата за заразни болести, која иако побара воведување на полициски час, барање за одложување на пописот не дава се уште, иако бројот на заразени и за жал починати секојдневно расте.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста