Мицкоски му даде рок на Заев до утре во 14:30 да ја поднесе оставка

Зоран Заев има рок до понеделник 14:30 да ја поднесе оставката, која што ја најави пред една недела, или започнува процедурата за гласање доверба на Владата предводена од ДУИ и СДСМ. Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, најави дека тоа е сценариото кое ќе се случи, ако Заев не го исполни своето ветување, во дадениот рок.

-Прецизен ќе бидам како и секогаш, до 14:30 ќе ја поднесеме процедурата и ќе ја отпочнеме процедурата за гласање на доверба на оваа Влада предводена од Зоран Заев, доколку претходно не си го исполни даденото ветување, а тоа е да даде неотповиклива оставка, изјави Мицкоски.

Мицксоки не верува во информациите дека оебзбеденото парламентарно мнозинство е несигурно. Не верува ниту во информациите дека Скендер Реџепи Зејд се предомислил. Според Мицкоски, неговата цел била јасна. Пад пад на власта предводена од СДСМ и ДУИ.

-Јас го немам слушнато пратеникот Скендер Реџепи, јас верувам во неговата чесност и честитост. Имав можност да слушнам една друга негова изјава, дека оваа корумпирана Влада, предводена од СДСМ и ДУИ треба час поскоро да замине. Така да неговиот потпис стои на оваа изјава за гласање доверба на оваа корумпирана Влада предводена од СДСМ и Зоран Заев, изјави Мицкоски.

Останува отворено прашање дали по падот на Владата, ќе се оди составување нова стабилна Влада или брзи предвремени парламентарни избори. Од ВМРО-ДПМНЕ потенцираа дека тие се единствените две опции. Мицкоски порача прво да се бутне власта на Заев и СДСМ, па потоа ќе размислува за другите опции.

-Ајде првата работа прво, да се качиме на првата скала, да не гледаме на 27-та, да ја завршиме првата работа прво. Потоа има процедури, има закони, има Устав во Македонија кои што треба да се почитуваат. Тоа не зависи од нас, зависи од тој кој што треба да го почитува Уставот, мандат се дава на мнозинство. Да почекаме прво да се заврши првата работа, Зоран Заев да си го исполни единственото ветување кое очекуваме да си го исполни, изјави Мицкоски.

Инаку, новото парламентарно мнозинство на кое што се потпишаа 61 пратеник е составено од ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Левица и Беса.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста