Мицкоски: Мнозинство за паѓање на Заев, следно или стабилна и ефикасна Влада или брзи избори

Новото мнозинство значи паѓање на Заев и Владата кои ги изневерија граѓаните. Следното ќе биде или стабилна политичка Влада или брзи предвремени парламентарни избори, порача лидерот на опозицијата. Христијан Мицкоски. Вели дека на Илинденска би седнал само доколку станува збор за Влада со сериозен кредибилитет и силни институции кои ќе гарантираат стабилност, нова енергија и ефикасност во реформите кои следуваат.

-Ова е коалиција  против криминалот и корупцијата на власта, против изневерените надежи, блок за напредок и нова иднина. Очекувам во периодот којшто следи ова мнозинство да биде зголемено. Велеа дека е невозможно, но покажавме дека заедно можеме да направиме многу повеќе. На иста маса со сите наши разлики, но со една цел,  а таа цел е напредок за народот и за Македонија, изјави Мицкоски.

Мицкоски смета дека останувањето на сегашната Влада, по изборниот дебакл кој што го добија, би значело Влада без кредибилитет, без мотив и план за решавање на проблемите, која ќе значи само продлабочување на политичката, но и економската и енергетска криза.

-Имаше и такви кои ми велеа дека најдобро за мене и за ВМРО е да не прави ништо, власта на Заев ќе заглавува во уште поголеми проблеми. Но, има нешто тука што се вика одговорност, одговорност спрема државата и одговорност спрема народот. Ваквите тешки времиња за народот и државата се значаен предизвик во кој свесно и сосема со искрена намера влегува ВМРО- ДПМНЕ, изјави Мицкоски.

Мицкоски потенцираше и дека постоел притисок врз дел од пратениците кои се потпишаа за новото парламентарно мнозинство да го променат својот став.

-Уште во текот на вчерашниот ден се прават жестоки притисоци врз дел од овие луѓе, кои што се потпишани своерачно во оваа иницијатива и со свои потписи, но сега засега немам информации дека некој би се поколебал или би излегол од овој документ, изјави Мицкоски.

Новото парламентарно мнозинство предводено од ВМРО-ДПМЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Левица и Беса, како што кажа Мицкоски му дава рок на Заев до понеделник да поднесе оставка. Доколку тоа не го стори, ќе се гласа доверба за Владата, која со овие 61 пратеник сигурно ќе падне.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста