СДСМ почна да се „раситнува“ – владината коалиција на стаклени нозе

И се заканува ли распад на владејачката СДСМ? По изгубената доверба кај дел од членството што се преслика и врз изборните резултати, најавените оставки на првиот човек Зоран Заев од државната и партиската челна позиција, бродот го напушта и Горан Сугарески, како претседател на Надзорниот одбор на СДСМ.

Во знак на морална одговорност за неуспехот на локалните избори, како на локално така и на централно ниво, поднесувам оставка од функцијата претседател и член на Надзорниот одбор на СДСМ. Извршувањето високи партиски и државни функции, покрај другото подразбира и одговорност кон граѓаните и членовите на нашата партија. Во таа насока, оставката претставува мој придонес за што побрза консолидација на партијата и што поскоро враќање на победничките патеки, напиша Сугарески на фејсбук.

Во меѓувреме на Заев му се заканува и распаѓање на владината коалиција и парламентарното мнозинство, по најавите на министерот за земјоделство Аријанит Хоџа од Беса, дека одлуката да се прегласува во Желино, може да ја сруши владата. Негов став бил дека мнозинството треба да се напушти.

-Желино која роди партија (како Движењето БЕСА), може да стане Желино која руши Влада! , пишува Хоџа на социјалните мрежи.

Дополнителен проблем за Заев и неговиот договор со Али Ахмети според кој ДУИ треба да ја води владата во последните сто дена до одржување на нови избори.

-Договорите не се направени за да се укинат според моментални желби. Ништо нема, ниту е разговарано и оспорувано прашањето за договорот, изјави Ахмети.

И додека се калкулира со можен наследник на Заев, актуелниот министер за правда Бојан Маричиќ демантира дека неговото име е едно од опциите за функциите.

Во Собранието се уште нема стигнато писмено барање од премиерот Зоран Заев за неговата оставка од премиерската функција.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста