Мицкоски и неговото семејство добивале закани поради „Мафија“- порача дека нема шанси да се откаже

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ добивал закани, лично тој, но и неговото семејство, откако ја објави аферата „Мафија“. Порача дека ништо нема да го спречи или поколеба, во нејзиното разоткривање до крајот. Во гостување во „Заспиј ако можеш“ на Алфа, вели добивал повици и чудни пораки од непознати броеви, да прекине со објавување на овој скандал за делење пасоши на странски државјани со големо криминално досие со туѓ идентитет. Спомена и дека по проценка на Агенцијата за национална безбедност, му било одземено обезбедувањето од државата, кое му следувало како лидер на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи процениле дека е безбеден.

-Јас ќе продолжам и понатаму и ова само ме охрабрува дека сме на прав пат, нема да застанеме. Дали заканава доаѓа од Спасовски и Заев дека ќе ме ставеле во притвор, дали од овие битанги дека ќе ме обезглавеле мене или не дај боже нешто на семејството, мене само тоа ме мотивира понатаму. Инаку, еве ви кажувам јавно, ако се премислат јас нема да ги примам тие лица, но ако ми се случи нешто сакам македонската јавност да знае кој е виновен за тоа, изјави Мицкоски.

Мицкоски пред неколку дена беше нападнат од власта бидејќи го откри овој скандал. Министерот за внатрешни работи Спасовски, го обвини опозицискиот лидер дека со откривањето на овој скандал пред граѓаните, саботирал акција на полицијата, за што го повика Обвинителството да почне истрага. Мицкоски вели дека ќе објави секакви документи кои што ќе ги добие, а се од јавен интерес.

-И на крајот од денот, ние имаме официјално лице кое вели јас знаев, ама не постапував. Јас лично како претседател на ВМРО-ДПМНЕ ако добијам документи кои што се од јавен интерес ќе ги објавам. Кривично дело ќе биде ако не ги објавам, значи сум соучесник, прикривам кривично дело, изјави Мицкоски.

Мицкоски порача дека се нафатил на биде на чело на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што неговата намера била да се расчисти еднаш засекогаш со криминалните политички гарнитури. Вели Македонија не може да застане на нозе, ако вакви луѓе продолжат да ја водат државата.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста