Мицкоски до Заев: Ќе ги вратиме сите табли, ќе ги исправиме сите историски и противзаконски грешки

Откако ќе те поразиме со народот, ќе ги исправиме сите твои историски и противзаконски грешки, ќе почнеме со враќање на таблите каде ќе биде избришан бугарскиот фашистички окупатор, му порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на премиерот Зоран Заев. Оваа реакција од шефот на опозицијата доаѓа по најавата на Заев дека ќе го избрише зборот бугарски од сите споменици, а ќе остане само фашистички окупатор.

-А јас сум подготвен, веднаш откако ќе те поразиме со народот, да ги исправиме сите твои историски и противзаконски грешки. Враќањето на таблите кои ја рефлектираат вистинската историска вистина, а Заев ќе ги смени, ќе биде меѓу првите грешки што ќе ги исправиме!, порача Мицкоски.

И по сите отстапки направени кон Бугарија и Грција, како промената на уставното име на државата, избрусените шахти каде стоеше сонцето од Кутлеш, Заев сега уште еднаш повтори дека ќе го брише зборот бугарски, на сите споменици каде стои бугарски фашистички окупатор, а ќе пишува само фашистички окупатор.

-И стои бугарска фашистичка рака, бугарски фашистички окупатор, бугарски фашистички куршум, треба да остане фашистички окупатор, фашистичка рака, фашистички куршум, заради тоа што фрламе петно комплетно на целиот бугарски народ, што воопшто не е исправно, изјави Заев.

Но, премиерот и останува на својот став дека ќе се укинува предметот историја во основното образование, и ќе биде споен со уште два други. Многумина во ова гледаат потег со кој што ќе се менуваат историските факти во учебниците по бугарски терк.

-Делот на фузирањето кој што е замислен во делот на самите предмети е да се даде можност преку помал број на часови, децата да имаат повеќе време за својот детски живот, но и за општествени и хуманистички и социјални содржини во својот детски живот. Верувам дека ќе изнедреме убава дебата, ќе кажат сите експерти ќе кажат учителите, наставниците, ќе кажат универзитетските професори, ќе кажат сите што е најдобро и тој концепт после тоа заедно да го тераме, изјави Заев.

Сепак, сите овие отстапки кои се веќе направени, не беа доволни за да биде исполнето главното ветување на Заев, Македонија да добие датум за старт на преговори со Европската унија. И покрај студениот туш од Софија, македонската власт и понатаму продолжува да потклекнува пред бугарските уцени и условувања.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста