Метеж, нетрпеливост и кавги пред вакциналните пунктови во Скопје

Метеж, нетрпеливост и кавги пред скопските вакцинални пунктови. Стотици револтирани граѓани пред потрите на Поликлиниката Јане Сандански чекаа ред за вакцина и негодуваа дека закажаните термини не се почитуваат. Повозрасни граѓани реагираа дека со термините за вакцинација се доцни повеќе од еден час и оти ред треба да чекаат на топлото сонце. Од Поликлиниката пак велат, метежот се создава оти примале и пациенти кои претходните денови го пропуштиле терминот од оправдани причини, а не ги враќале ниту лицата со инвалидност, оние кои имале трансплантација и пациентите со ретки болести и покрај тоа што не биле закажани. Сепак, надлежните се децидни дека приоритет во вакцинирањето имаат оние со закажан термин преку здравствениот систем.

„Прво одиме спрема списокот што го добиваме од Мој термин. А потоа, вратени пациенти од оправдани причини како на пример, некој имал настинка пред неколку дена па не можел да се вакцинира, таков пациент не враќаме. Пациенти со ретки болести, пациенти што се спремаат за трансплантација. Се прави тријажа и сите овие граѓани се вакцинирани во Поликлиниката“, вели раководителот на Поликлиника „Јане Сандански“, Боре Радевски.

Министертот за здравство Филипче признава дека метеж пред вакциналните пунктови има, но тоа вели делумно се должи на фактот дека и вработени во институциите се вакцинираат на дел од овие пунктови.

„Можно е да има такви пропусти луѓе да задоцнат, меѓутоа исто така има и ситуации кога луѓето доаѓаат порано, во раните утрински часови и покрај тоа што се закажани за вакцинација покасно во текот на денот. Или кога има некоја поголема група од вработените во институциите па се создава метеж. Меѓутоа, мислам дека е тоа исклучок“, рече министерот за здравство, Венко Филипче.

Во поликлиниката Јане Сандански дневно се вакцинираат над 730 граѓани иако првично била димензионирана за 400 до 500 вакцинирања. Во Букурешт пак секојденвно вакцина примаат околу 600 граѓани.

До сега во Македонија се вакцинирани 206.000 граѓани, а над 150.000 чекаат ред за имунизација.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста