Маричиќ без коментар на обвинувањата на Димитров – дали Македонија ќе капитулира во преговорите со Бугарија?

Новиот вицепремиер за евроинтеграции Бојан Маричиќ нема да се врзува со временски рамки за надминување на спорот со Бугарија. Уште не стапен на функцијата, Маричиќ не открива на што се согласила македонската влада од ултимативните 5+1 барање за тргање на ветото за интеграциите, ниту ги коментираше сериозните обвинувања за национално предавство од неговиот претходник Никола Димитров.

-Ние сè уште не сме во фаза каде што сме се согласиле на нешто, ниту пак бугарската страна се согласила. Сè уште сме во фаза на разговори, размена на аргументи, размена на позиции и мислам дека посетата на бугарскиот премиер Петков во вторник ќе биде одлична можност за да се воспостави нова динамика во преговарачкиот процес меѓу нас и Бугарија. Динамика во која ќе се фокусираме на прашања пошироки од историските, динамика во која ќе се формираат конкретни работни групи коишто ќе дадат резултати во конкретни области без да се врзуваме за временски рокови, но интензивно да работиме на подобрување на атмосферата меѓу граѓаните и двете држави, враќање на довербата, зголемување на нивото на пријателство и суштински да се отстранат пречките за наш почеток на преговорите, изјави денеска Маричиќ.

Опозицијата предупредува дека новата власт предводена од Димитар Ковачевски нема легитимитет од народот да преговара со Бугарија.

-Додека Димитров обвинува за предавство, Ковачевски мудро молчи за тоа кои одговори Македонија ги дала на пакетот 5+1 кој е испратен од Софија како предуслов за поддршка за преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција. Патем оваа делегитимирана влада на СДСМ чека став од страна на Бугарија по однос на овие одговори. Иако, никој не е запознаен за што преговарале Заев, Димитров и Османи. Дали македонската јавност повторно ќе биде изманипулирана и зад декларативна заложба дека ќе се почитува Резолуцијата, Ковачевски по стапките на својот ментор Заев ќе ги подрива македонските позиции, вели Митева.

И додека македонската влада тактизира околу динамиката на преговорите, од Франција стигна уште еден ладен туш. Во шестмесечната програма на француското претседателство нема предвидено рок кога Македонија би почнала преговори за влез во европското семејство.

Новата влада предводена од Ковачевски ќе биде исправена пред сериозен предизвик да одговори на максималистичките барања на Бугарија. По гласањето во недела, новиот владин состав ќе ја има првата задача да го пречека бугарскиот премиер Кирил Петков, кој во Скопје треба да ги донесе последните размислувања на тамошните власти за можно кревање на бугарското вето.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста