Владата ќе ги грее скопјани преку „ТЕ-ТО“ – ќе го користи решението што им го предложи Мицкоски

Ниту договор со „БЕГ“, ниту преземање на централното парно греење. Владата донесе одлука да обезбеди дополнително количество топлинска енергија преку термоелектраната „ТЕ-ТО“ Скопје, која ќе работи секој ден со полна моќност. Ова по владината седница го изјави министерот за економија, Крешник Бектеши кој рече дека со донесената одлука се предлага „Електрани на Македонија“ да ја откупува струјата произведена од компанијата, а цената да не биде повеќе од 170 евра по мегават час. На тој начин, ќе се oвозможело континуирано снабдување со топлинска енергија за потрошувачите.

Инаку „ТЕ-ТО“ има производствен капацитет кој не е во целост искористен, и во текот на викендите има вишоци кои можат да бидат искористени. Инсталираниот капацитет изнесува 227 МW. Скопјани ќе имаат парно, ама колку тоа ќе чини во конечните пресметки се уште останува неизвесно.

  • Цената по која АД ЕСМ ќе ја преземе дополнително произведената електрична енергија од производителот АД ТЕТО е 170 евра по мегават час и е производна цена на електрична енергија од комбинирана постројка за производство на електрична и топлинска енергија од природен гас со вкалкулирана продажна цена на природен гас во Република Северна Македонија за јануари 2022, изјави Бектеши.

Тој појасни дека во моментот, АД ТЕТО, согласно договорите што ги има со добавувачите, работи само од понеделник до петок со капацитет од 200 мегавати од вкупно инсталираните 227 мегавати, а во сабота и недела не работи воопшто.

  • Со преземањето на електричната енергија од АД ТЕТО дополнително ќе се обезбеди производство и на топлинска енергија за регулираниот дистрибутер на топлинска енергија БЕГ со што ќе се овозможи континуирано, квалитетно и економски исплатливо снабдување со топлинска енергија на потрошувачите во Град Скопје и во исто време при постоење на кризна состојба во снабдување со електрична енергија ќе се овозможи да се заштедат природните ресурси кои АД ЕСМ ги користи за производство на електрична енергија, рече Бектеши.

Од страна на БЕГ се уште нема официјален став околу понудата на Владата да ја покрие разликата меѓу цената на парното греење што ја одреди РКЕ и реалната цена.

  • Согласно информациите, БЕГ не може да достави банкарска гаранција, а ние не можеме да даваме кредити во име на Владата без да бидат гарантирани средствата, рече Бектеши.

Ваквата одлука практично ја става во втор план идејата за финансиска помош за „БЕГ“ од буџетот вредна 6 милиони евра за покривање на трошоците, а ја исфрла од игра и идејата за времено преземање на управувањето со постројките од страна на државата.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека Македонија плаќа три пати поскап гас по цена од 270 евра за кубен метар, во споредба Со Србија, Турција, Германија.

  • Македонија и македонските компании плаќаат цена и до 3 пати поголема од таа што ја плаќаат овие држави и нивните компании, и тоа е само заради неспособноста на СДСМ. Таа разлика од минимум 500 евра по кубен метар гас повеќе, ако се преговараше на време немаше да биде на терет на народот и буџетот, велат од опозицијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека се задоволни што Бектеши го прифати предлогот на Мицкоски, кој вклучува ставање во системот на „ТЕ-ТО“ во време на викендите, зошто овој капацитет сега не работи за викендите, така ќе имаме и дополнителна домашна струја, и поголема количина топлинска енергија.

Инаку, добрата вест во новиот план е што со ова би се обезбедила и топлинска енергија за потребите на топланата „Скопје Север“ која за разлика од „БЕГ“ одговорила позитивно на понудата од владата за финансиско покривање во загубите.

Инаку, парното греење на скопјани е поскапено за 14% по барање на компаниите, кои поради високите цени на гасот тврдат дека се соочуваат со зголемени трошоци.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста