Аеродром, Центар и Карпош на врвот по бројот на заразени, граѓаните велат дека вината е кај младите и власта

Скопските општини Аеродром, Карпош и Центар имаат повеќе заразени од сите други скопски општини заедно. Сопоред граѓаните тоа се должело на непочитувањето на мерките за заштита, генерално од помладата популација.

Направивме обиколка во сите населби поединечно. Раздвижено беше речиси секаде. Граѓаните уште рано на утро брзаа да завршат некоја обврска.

Аеродорм, една од најголемите скопски општини е место каде најмногу не се почитуваат мерките на заштита. Правилата на игра ги кршат најмногу младите, кои од кога ќе им ги затвореле кафулињата се собирале по клупи и ништо не се почитувало, ниту маски, ниту дистанца, велат жителите од скопската населба Аеродорм. Според нив, пред трговскиот центар Бисер на вечер не можело ни да се помине, па да можеле и еден врз друг би се качувале.

  • Катастрофа. Вие да дојдете тука на вечер околу Бисер па да видите што се случува, па тоа е невозможна мисија. Гужви, деца, лудница е, ни маски, ни ништо. Јас тука живеам и секој ден тоа го гледам. Едноставно не можам да си поверувам дека никој ни прави контрола, ни пак младиве знаат што прават, велат за Алфа жителите од скопската населба Аеродром.

Ништо подобро не е ниту во Центар. Сликата е безмалку идентична. Најголем проблем правеле младите кои на големо се собирале околу зградите. Универзална сала и Дебар Маало се местата каде имало најмногу гужви, особено на вечер, велат граѓаните.

  • Па вие не знаете што се прави тука. Околу Силбо, карши него, околу Универзална сала. Така што младите ништо не почитуваат. Па има и дечки кои пред да влезат во пекара или маркет си ги менуваат маските за да можат да влезат, тоа е невероватно, но за жал тоа е кај нас, алармираат жителите од скопската населба Центар.

Направивме обиколка и околу Карпош, третата општина по број на заразени од Ковид 19. Граѓаните, главно повозрасните велат дека тие ги почитуваат мерките, но не доволно. Младината велат, била таа која правела најголем проблем. Додаваат дека ниту тука немало кој да контролира.

  • И во Карпош речиси никој ништо не почитува, секако само повозрасните. Јас гледам тука околу бензиските пумпи што прават, па тоа е хаос невиден. Ни контрола, ни ништо, а да бидат искрен ни Владата, ни пак министерството за здравство нешто прави реално, само кажуваат нешто, што нема благе везе, велат жителите од скопската населба Карпош.

Раздвижено беше речиси секаде, во сите општини. Секојдневната слика која исто така претставува главоболка за сите е и гужвата и турканиците во јавниот превоз. Наместо да се одржува дистанца и да се запази бројот на патници, граѓаните кои што користат јавен превоз велат дека правилата за заштита од коронавирусот е невозможно да се применуваат во градските автобуси.

Според протоколите на Владата, на сите станици треба да има означено точки за патниците со цел воспоставување на ред за чекање со одржување на физичко растојание, но ниту ова ни се применува, ниту пак има кој тоа да го контролира.

Борис Грујоски