Македонските историчари негираат оти се откажале од Егејска Македонија

Се откажала ли македонската страна од спорните историски прашања во полза на Грција? Ваква дилема отвори грчкиот весник „Етнос“ кој објави оти македонските историчари прифатиле да се откажат од употреба на термините „античка и егејска Македонија“ и се согласиле оти овие поими се единствено врзани со грчката историја.

Но, претседателот на македонската експертска комисија, Виктор Габер демантира – вели оти препораки од средбите се уште не биле утврдени.

„Имаме меѓународен договор и имаме постапка која што се одвива врз основа на договорени процеси како ние ќе работиме. Ние треба да имаме донесено заеднички препораки коишто двете Влади треба да ги применат во образовниот систем. Препораки не се донесени. Ние имавме четири средби на кои што имаме заклучоци, но тоа не се препораки. Препораките се утврдуваат на крајот на работата. Господинот новинар, бидејќи јас знам кој е тој весник, користи информации од член којшто беше член на првата Комисија, но не е член на вторава Комисија и тука има субјективизми коишто не смеам да навлезам да ги коментирам“, вели претседателот на експертската Комсија за историски прашања, Виктор Габер.

Сепак, главната забелешка на грчкиот медиум беше дека властите во земјава се уште не ја променија содржината на учебниците по историја и покрај постигнатиот Договор помеѓу двете земји.

„Учениците во соседната земја и натаму ќе учат за мапи од Голема и егејска Македонија, како и бројни извештаи за корелација помеѓу нивната земја со Античка Македонија на Филип и Александар“, пишува Етнос.

И не само Грција, и властите во Бугарија се погласно говорат за можна блокада на земјава на патот кон ЕУ, со уцени оти ќе мора да се прифатат бугарските позиции за историјата. По Каракачанов и европратеникот Андреј Ковачев најави оти Бугарија нема да и попушти на Македонија.

Премиерот Заев, пак е оптимист дека ќе се најде решение за отворените историски прашања, посебно на она за Делчев, кое остана точка на сопнување во работата на двете историски комисии.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста