Македонски студент заглавен во Москва – надлежните го оставиле да се снаоѓа сам

Студент по ветерина заглавен во руската престолнина, без надеж дека наскоро ќе се врати дома. Македонецот Димитар Пивковски разочаран од односнот на в.д. амбасадорката во Русија. Вели ниту го исконтактирале кога имало хуманитарни летови за Македонија, ниту пак сега се обиделе да го извлечат оттаму. Оставен да се снаоѓа сам, прашува дали во некоја друга земја во светот работат дипломати кои не се грижат за своите граѓани?

„Ги контактирале преку меил и телефон колку што разбрав од други студенти, но мене не ме контактирале воопшто а имаа мои контакти уште од минатата година. Не знам во други земји дали има од амбасадите ваков однос кон своите граѓани, плус јас другите амбасади на Балканските земји во кои што имаше прекрасен однос кон мене и ги добив сите информации што ми требаа. На пример Бугарија организира често чартер вонредни летови назад, но не секогаш има место на тие летови“, вели Пивковски.

Димитар е исплашен дали навреме ќе замине од Русија, оти престојот му е ограничен, а финансиите при крај. Вели животот во Москва е скап, а и сместувањето наскоро ќе треба да го напушти. Ако надлежните не му помогнат, ќе заврши на улица.

„Москва е доста скап град и на своја сметка е доста тешко да живееш. Плус сега немам никаква можност за работа“, додава тој.

Обвинува дека наместо да му се помогне, македонската амбасадорка во ек на корона со сопругот се сонча на плажа во Сочи, за што најдовме и фотографија објавена вчера на социјалните мрежи.

Одговор за проблемот на Димитар се обидовме да добиеме од в.д. амбасадорката во Москва, Оливера Димовска. Но, таму денеска никој не одговори на нашите повици. На веб сајтот на Амбасадата пак пишува оти со странки работеле само од понеделник до петок.

Ова не е прв пат македонци да се жалат од односот на амбасадорката во Русија. Пред два месеци, Алфа објави сторија за македонски граѓанин заглавен во главниот град на Узбекистан, Ташкент, кој преку македонската амбасада во Русија се обидел да најде излез за дома. И нему му било речено да се снајде сам, оти надлежните немале начин како да му помогнат да стигне до Москва.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста