Македонија се гуши, најзагаден воздух дишат битолчани, метрополата длабоко во црвено

Магла, смог, непријатен мирис. Воздухот во Македонија со денови е ужасно загаден, а мерните станици се длабоко во црвено. Додека граѓаните се гушат и дишат на „шкрги“, надлежните смируваат. Вонредни мерки велат, немало да има.

– Свесни сме дека нивото на загаденост е висока, се уште не е над прагот каде што треба да ги обзнаеме таканаречените вонредни мерки, но секако посветени сме и треба да работиме на намалување на нивото. Би сакал да апелирам прво до индустриите, до граѓаните и до сите економски субјекти, бидете внимателни со што ги греете вашите домови, рече министерот за животна средина, Насер Нуредини, кој наместо на македонски, повторно зборуваше на англиски јазик.

Невладините критикуваат дека власта прави недеоволно. Бараат итни мерки, а една од нив е и децата да останат дома, во услови на екстремна загаденост.

Познавачите на состојбите предупредуваат дека Владата мора ургентно да воведе итни мерки зашто алармот е одамна вклучен. Реагираат дека не смее да се губи време

– Гасификацијата мора да се стави на прво место, а треба да има и засилени контроли во индустриските погони и стратегии за обновување на возниот парк, кои барем малку ќе го ублажат загадувањето, вели меѓу другото за Алфа, универзитетската професорка Соња Лепиткова.

Освен во Скопје, отровен воздух дишат и битолчани. По нив се и жителите на Струмица, Тетово, Гостивар и речиси цела западна Македонија.

Додека граѓаните се гушат и дишат на „шкрги“, надлежните смируваат. Велат дека се уште било рано да се активираат интервентните мерки.

Во меѓу време, од граѓанските организации најавуваат протести во текот на неделава и ги повикуваат граѓаните да излезат на улица и да се изборат за почиста средина, зашто институциите речиси и да не прават ништо.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста