38 годишен Македонец одлежал единаесет месеци тешка робија во грчки затвор по грешка

Сакал да пренесе брашно во Грција, а завршил во затвор како дилер на дрога. 11 месеци во грчки затвор поминал 38 годишен жител на струмичко село под сомнеж дека е дилер на дрога.

Идентитетот на македонскиот државјанин грчките власти не го откриваат, а скандалот пред неколку дена го објави весникот Ефимерида.

Голготата на струмичанецот почнува во јануари лани кога грчката полиција го фаќа на див граничен премин како нелегално ја поминува македонско грчката граница носејќи вреќа во која имало брашно.

Нелегално преминување на границата на мештани од околните села близу границата и не е некаков тежок криминал, но полицијата го уапсила бидејќи брашното што го носел во вреќата мислеле дека е хероин.

Примероци од сомнителната супстанца, биле испратени на вештачење во Атина, за да се утврди дали станува збор за хероин, кокаин или друга дрога, а Македонецот завршил во притвор.

Обвинителството во Грција, поднело и обвинение против струмичанецот, на товар му ставиле дека е дилер на наркотици. Анализите од Атина биле готови на 6 март 2019, во извештајот пишувало дека не станува збор за дрога туку за 100 % чисто брашно но документите некако мистериозно исчезнале, па Македонецот останал притворен во грчкиот затвор, се до минатата недела.

Апелациониот суд во Солун ја прекинал постапката, а обвинителството се правдало дека документот од вештачењето никој не го забележал. 38 годишниот македонски државјанин правдата ќе ја бара во Судот во Стразбур, тој е ослободен и се вратил дома. Македонските истражни органи за овој настан не добиле никакви информации од колегите од Грција.

Катерина Гетева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста