Македонија на врвот во Европа по растот на заразени за една недела – мерките „по свадба – тапани“

Македонија е на врвот во Европа по растот на заразени со Ковид 19. За само една недела бројот на нови случаи пораснал за близу 240 проценти, што е доволно земјава да се најде на првото неславно место. Експертската јавност со недели алармира дека мерките за заштита доцнат. Владата вчера ги усвои препораките на Комисијата за заразни болести да се ограничи движењето на невакцинираните лица и да се забрани организирање на свадби, прослави и настани во затворен простор. За министерот Филипче мерките се навремени и ќе дадат резултат.

„Мерките се предложени навремено. Ова го најавувавме повеќе месеци наназад и го чекавме моментот кога за тоа е соодветно. Кога минатата недела почна евидентниот раст, тогаш кога се зголеми и бројот на пациенти кои се хоспитализирани е добар период кога доаѓаат и месеци кога поголем број луѓе ќе бидат во затворено да се предложи ваква мерка“, рече министерот за здравство, Венко Филипче.

Одлуката од 16 август влезот на настани да биде само за вакцинирани граѓани ги зовре корисниците на социјалните мрежи. Гневни се на министерот и прашуваат дали на ваков начин власта сака да ги „казни“ и да „протне“ еден вид на прикриена задолжителна вакцинација?

„Со овие задоцнети мерки, на овој тотален вакцинален хаос, на отворени дискотеки и кафичи, на концерти Карлеуши, на 169 фул вакцинирани и повторно заразени, со кој памет ќе барате било каков документ да се приложи, за било каде, било кому… Јас како невакцинирана, но дисциплинирана, жива-здрава и жилава жена у години, можам да ви приложам само среден прст“, коментираат корисниците на Фејсбук.

Новите мерки на Владата предвидуваат забрана за секаков тип настани во затворен простор, како и работа на угостителски објекти на затворено, а од 15 август се воведува задолжителна потврда за вакцина, најмалку прва доза при влез на настан или објект каде има повеќе од 30 присутни.

Во меѓувреме, притисокот врз болниците расте, а тоа го призна и министерот Филипче. Тој вели дека пациенти од тетовкста болница ќе се препраќаат во Скопје, а за таа цел ќе се стави во функција уште еден спрат на Инфективната клиника. Од вкупниот број на примени пациенти во болница околу 150, под 10% се пациенти коишто се целосно вакцинирани, но тие не биле критични.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста