Почнаа да течат изборните рокови: На локалните избори и официјално ќе се оди со фингерпринт апарати

На локалните избори и официјално ќе се оди со фингерпринт апарати. Само ден откако собранискиот спикер Талат Џафери, ги распиша изборите, првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, соопшти дека од ДИК добил информација, дека е завршена постапката, за набавка на апаратите за отчитување на отисок од прст. Според него ова ќе доведе до фер и демократски избори, а апаратите треба да се искористат, и за граѓаните да имаат доверба во пописот кој ќе се одржи во септември.

-На овој начин конечно се става крај на сомнежите за семејно и групно гласање. И овој начин на гласање е доказ дека ќе имаме еден човек за еден глас. Но, од друга страна претставува исклучително квалитетна можност и инструмент, за да можеме да ја провериме веродостојноста на податоците од претстојниот попис, кој што ќе се случи во месец септември, изјави Мицкоски.

Мицкоски го повика и МВР што побрзо да ги предадат базите на податоци на ДИК, за на денот на изборите да нема никакви проблеми.

-Очекувам како прво Министерството за внатрешни работи до крај да го заврши процесот, а тоа значи да ги снабди ДИК и тимовите со базата на податоци на отисоците од прст на граѓаните на соодветните избирачки места, како би можел овој процес на самиот ден на гласање да се одвива непречено. Очекувам МВР тоа да го направи час поскоро, изјави Мицкоски.

Инаку, со распишувањето на изборите,течат изборните рокови.Се стопираат огласите за вработување во државните институции, а на сила стапува и забраната за доделување тендери.

Јавниот увид во избирачкиот список ќе започне на 21 август и ќе трае заклучно со 9-ти септември. Листите за кандидати треба да се поднесат заклучно со 11-ти септември 24 часот.

Ждрепката и редоследот на гласачкото ливче ќе се спроведе најдоцна до 23-ти септември, кога треба да се потпише и кодексот за фер и демократски избори. Изборната кампања започнува на 27 септември и ќе трае заклучно со 15 октомври до 24 часот, кога настапува изборниот молк на 16 октомври. На тој ден ќе гласаат болните и немоќните, а на 17 октомври ќе се одржи првиот круг од изборите. 

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста