Локалната власт ја преспива борбата со корона вирусот

Македонија од ден на ден урива рекорди по бројот на заразени од корона вирусот, а надлежните се уште седат со скрстени раце. Главниот град е на врвот на листата со најголем број на активни случаи – дури 2655. Од Општините предничи Аеродром каде во моментов Ковид позитивни се над 500 граѓани. Центар има 448, а Карпош 437 позитивни случаи. Голем број на заразени има и во Струмица, над 350. Локалните власти се правдаат, немале ингеренции да носат одлуки за спречување на Корона пандемијата.

„Градоначалникот Петре Шилегов учествува во состаноците на Кризниот штаб на Владата за справување со пандемијата Ковид 19, но не носи одлуки“, се вели во дописот од Град Скопје.

Граѓаните пак револтирани – прашуваат зошто градоначалниците не прават ништо за да го заштитат населението во време кога бројките на заболени вртоглаво растат? На социјалните мрежи се нижат реакции – се бара поголема заложба од страна на локалните власти, за кои велат оти на 500 заразни дневно асфалтирале улици и терале политичка кампања, а кога имаше по 30-тина случаи имало повеќе акции за заштита од корона вирусот.

Бараат од локалните власти, преку своите инспекциски служби барем да им помогнат на пазарните инспектори или на полицијата во однос на почитување на мерките во угостителските објекти или контрола на лицата кои имаат решение за изолација.

За потсетување, уште во мај Општина Прилеп организираше акција за помош во набавка на намирници за старите лица и хронично болните. Ангажирани беа пет тимови, а цента беше овие ризични категории да не ги напуштаат своите домови и на тој начин да се заштитат од вирусот.

Општина Карпош, пак на крајот од месец март ги заклучи сите детски игралишта, фитнес и рекреативни зони за да спречи во нив да се собираат деца и родители, а со тоа и да се стави под контрола ширењето на корона вирусот. Дел од нив беа обележани со ленти што значеше забрана за нивна употреба.

Општина Центар пак уште во април со кеси ги замота клупите за седење, а обезбеди и средства за дезинфекција кои беа ставени на влезовите во станбените згради.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста