Лаги и клевети – ова е реакцијата на Народната банка по обвинувањата на Трифун Костовски

Лаги и клевети се обвинувањата на сопственикот на „Еуростандард“ банката Трифун Костовски – реагира Народната Банка. Ригорозните мерки биле направени за да се заштитат клиентите на банката. Народната банка тврди дека морала да и го ограничи кредитирањето на „Еуростандард“  за да се заштитат штедните влогови на граѓаните во услови кога банката немала доволно пари. Сопствениците на „Еуростандард“ нашле дополнителни 11 милиони евра до крајот на 2019-та, сума што едвај ги достигнала минималните законски барања. Веќе од 2020-та обврските за докапитализација не биле исполнети, а сопствениците немале соодветен инвеститор. Од НБМ тврдат дека постојано алармирале за сериозноста на состојбата и побарале итна докапитализација за да не ја одземат дозволата за работа на „Еуростандард“.

„Сопствениците не го обезбедија потребниот капитал за првата половина од оваа година, ниту изнесоа издржано и реално решение за пренесување на сопственоста на инвеститор којшто би извршил докапитализација на Банката во обем и со динамика кои би овозможиле нејзина одржливост, со оглед на состојбата во која Банката се наоѓаше“ – велат од НБМ.

Сопственикот на „Еуростандард“ Трифун Костовски, пак, го тврди спротивното. Тој уверува дека Народната банка знаела за инвеститорот со месеци однапред, но побрзала да стави клуч на врата на банката. Нивните меѓусебни средби со ништо не навестувале дека на „Еуростандард“ и се заканува пропаст. Обвинија за смислено сценарио да се уништи банката, во кое прсти имале замешано луѓе од НБМ, но и од другите деловни банки.

Сопствениците на „Еуростандард“ најавија тужба за Народна банка, но и од централната банка се заканија со контра тужба за лага и клевета. Семејството Костовски се сомнева дека зад намерата да се уништи банката се кријат апетити на луѓе од банкарските кругови кои планираат  „за „џабе“ да ја преземат атрактивната зграда во строгиот центар на Скопје и милионскиот договор со Македонски Пошти. По одземањето на дозволата за работа на „Еуростандард“ останаа 136 илјади штедачи кои чекаат обесштетување од Фондот за осигурување на депозити од речиси 72 милиони евра.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста