Крстот веќе видена пракса на ДУИ: Секогаш кога е густо, Али Ахмети игра на меѓуетничките и меѓуверски чувства
Подгревањето на меѓуетнички и меѓуверски тензии како да стана заштитен знак на ДУИ во секое предизборие и кога треба да се покрие некаков корупитен скандал со кој е поврзана партијата на Али Ахмети. Токму затоа според познавачите на состојбите, случувањата поврзани со крстот на Попова Шапка не се случајност. Според политичкиот аналитичар Синиша Пекевски ова е само обична ПР стратегија во предизборието.
-Во суштина кога не можат да одговорат на економските проблеми и предизвици кои што се случуваат во Македонија, најлесно е дигни ја тензијата меѓу етничките заедници и креирај некаква нестабилност. Гледаме дека има многу поставено споменици од една заедница на нелегален начин, каде што немаат никакви дозволи и сега се прави ова вештачки проблем со цел да се отргне вниманието од реалните проблеми кои се случуваат во Македонија, вели Пекевски.
Реториката на ДУИ и Беса не може да донесе никому ништо добро, туку само влошување на меѓуетничките и меѓуверски тензии, вели за Алфа универзитетскиот професор по социологија, Златко Жоглев. Испрати порака и до Исламската верска заедница, која исто така жестоко реагираше бидејќи на црковен имот е поставено верско одбележје. Вели православните христијани се мнозинство во оваа држава и луѓе кои никогаш немале ништо против малцинските верски заедници, па изненаден е што еден крст предизвикал волку бурни реакции.
-Апсолутно во овој случај кога крстот како верско одбележје е поставен на црковен имот нема никаква основа за реакција од другите малцински религиозни групи, во овој случај од припадниците на исламската вера. А политичките партии кои се впуштаат во оваа работа треба да знаат дека тоа не е добро, никому не може да донесе добро, затоа што работите може да излезат од контрола, изјави Жоглев за Алфа.
Жоглев вели дека оние кои сега ги разгоруваат тензиите треба да бидат свесни дека може и кривично да одговараат, доколку ваквите потези доведат до непосакувани сценарија меѓу обичните луѓе.
-Во законот има и одредби за ширење национална верска и друга омраза, бидејќи во овој случај од почетокот може не може да се зборува за ширење на верска омраза. Меѓутоа, ако работите се влошат, тогаш ќе дојде до такви работи, а тие кои преземаат вакви активности ќе треба сериозно да размислат дека еден ќе треба еден ден да одговораат за последиците за се што евентуално може да се случи, изјави Жоглев.
Пекевски е на ставот дека обичните граѓани Албанци веќе ги имаат прочитано политичките партии и ваката нивна реторика може да влијае само кај оние што се партиски определени.
-Видоа и албанските граѓани, оние кои не се политички инструирани дека политичките партии воопшто не се грижат за интересите на граѓаните. Видовме дека инвестицијата која ја најавија за електричните автомобили во Тетово апсолутно нема ништо од тоа. Така да веќе ова е само за нивни интерен ПР, изјави Пекевски.
Инаку, токму крстот беше причина да продолжат партиските препукувања во албанскиот политички блок. Од Беса реагираат дека ДУИ има интерес да не зборува за нивните матни бизниси со Дака во Тетово, за коцкарските криминали, корупциските скандали со јавните набавки. Велат крстот му бил потребен ДУИ за да го оттргне вниманието од вистинските прашања и најавија дека по некаков законски начин истиот ќе бил отстранет.
Матеја Петровски