Ковид 19 се повеќе ги напаѓа децата – докторите велат: „Ова не го гледавме порано“

Во четвртиот бран, корона вирусот се повеќе ги напаѓа децата – алармираат докторите. Др. Ненад Лазаров на социјалните мрежи предупредува, ова не е бран туку цунами, а големиот број на заразени тинејџери не беше случај претходно.

„Тинејџери и деца со пневмонии, со брз развој, ова не го гледавме порано“, напиша др. Лазаров , посочувајќи дека генерално станува збор за лица на возраст од 12 до 16 години, кои се меѓу новозаразените со вирусот.

Дека има голем број млади кои на лекар се јавуваат со тегоби – типични за стомачен вирус, а после се докажува дека всушност се работи за Ковид 19 – вели и Весна Стојанова-Атанасовска, доктор по општа и семејна медицина. Според неа, вирусот прави многу лоши клинички слики, децата развиваат висока температура,  а се покачуваат и де-димерите што е еден од знаците за појава на вирусот.

Ковид-случаите почнуваат да се зголемуваат кај нас, и тоа повеќе меѓу детската популација. Во летниот период има стомачни вируси и тоа е нешто што е нормално. Но ова лето, сега, се појавуваат и нови симптоми, кои се покачена телесна температура, затнат нос, малаксаност, Само вчера, во еден ден, добив 8 позитивни пациенти, од кои тројца се возрасни и другите пет се дечиња – вели за мета.мк Весна Стојанова Атанасовска – доктор по семејна медицина.

Др. Стојанова алармира дека на децата и по третирање со инфуции и терапии, не им се подобрува клиничката слика, а дел од нив имаат потреба и од кислородни маски, и покрај нивниот јак имунитет. Најголем дел од тинејџерите, според нејзините сознанија се заразиле на концертите кои се одржуваа во Охрид. Но има и пациенти кои ги заразиле нивните роднини од странство – со што уште еднаш се покажува потребата за контрола на границите која за сега ја немаме.

Дека бројот на заразени деца расте покажува и влошената состојба во Кичево, каде за неколку дена се дијагностицирани триесетина млади, меѓу кои и десетмесечно бебе.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста