Костимот за капење на сушење: Критиките на јавноста од плажа го донесоа Заев во село Будинарци

Костимот за капење на сушење, жестоките критики од јавноста го вратија премиерот во Македонија, од каде пред четири дена замина на одмор, во моменти кога се прогласуваше кризна состојба. По објавувањето на фотографиите како тој ужива на плажа заедно со министерот за здравство Венко Филипче, во моменти кога буквално Македонија е во пламен,и двајцата решија да се вратат, а Заев дури и даде изјава од беровско, но само за државната телевизија и агенција.

-Горе се локализира, но секако ветрот не му дава можност да се стиши огнот. Се прават обрачи на два дела, едниот е првиот обрач поблиску до огнот, другиот е вториот обрач веднаш до селото, затоа што по протокол и процедура така мораат да се заштитат граѓаните најважно, па понатаму и имотот и недвижностите, куќите, шталите се што постои на граѓаните. Се надеваме дека со помош на авионите што се овде, заедно Србија и нашите, ќе можеме сето тоа да го направиме, изјави Заев.

Не одговори што го натерало да се врати од одмор и ниту дали чувствуува одговорност што во најкритичните моменти , додека граѓаните и пожарникирате се бореа, тој се сончаше на плажа.

За само еден ден падна и пи-ар стратегијата на Владата. Вчера се беше во ред, а тоа што Заев бил на одмор и состојбата ја следел онлајн и преку телефон, значело дека системот функционира. За денеска да било сосем нормално тој да се појави во опожарените места.

-Утрово премиерот пристигна во беровско каде заедно со министрите Шекеринска, Филипче, Шахпаска и Бочварски имаше координација со директорот на ЦУК и со градоначалниците на Берово и Пехчево. Да се прекине одморот и за неколку часа да се пристигне на соодветна локација каде тоа го налага потребата, за премиерот е нормално и очекувано, информираат од Владата.

А се промени и реториката кај оние кои важат за големи поддржувачи на Заев и власта. Еден од нив е и аналитичарот Ненад Јовановиќ, кој вчера ги напдна критичарите на премиерот и го бранеше дека не е грев што отишол на одмор во кризна состојба.  Но таа објава ја снема, па денеска со друга дека се појавил на терен.

-Тоа што Заев заминал на одмор не значи дека не му е грижа- колку одвратни критики- туку тоа значи дека системот функционира, службите и пожарникарите се на терен и ги санираат штетите. Системот функционира. Службите се на терен, жртви, што е најважно- нема!, пишува Ненад Јовановиќ.

Потегот на Заев од плажа да се врати и да се појави кај пожарите предизвика критики на социјалните мрежи. Граѓаните коментираат дека е евтин пи-ар.

-Единствено поидиотско од ПР веста дека Заев го прекина одморот е тоа што вчера појде на одмор, се вели во еден твит.

-Венко толку е позер што појде да се слика со Заев кај пожарите. Оди бе работи тоа што ти е работа, бројките од корона скокаат како ненормални, се вели во друг твит.

Денеска во селото Будинарци беше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој лично ја предаде партиската донација од вода, за оние кои се борат со пожарите во овој дел од државата.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека потегот на Заев да оди на одмор во кризна состојба е дезертирање, кое го прави предавник,  за што треба да одговора. Од таму порачуваат дека Заев и министрите се платени од народот за да му служат, да ги решаваат нивните проблеми и да им ја гарантираат безбедноста, сопственоста и животот.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста