Пандемијата зема замав, нови мерки нема, Филипче состојбата ја координирал од плажа

Алармантен раст на бројот на ковид заболени во Македонија. Од ден на ден бројот на нови случаи се зголемува тројно, опасната делта варијанта коси во земјава, граѓаните и лекарите се во паника, а министерот за здравство си тера одмор на грчките плажи. На социјалните мрежи веќе кружат и фотографии на кои се гледа како Филипче ужива под сенка на море во друштво на премиерот. Дека министерот користи годишен одмор потврдија и од неговиот кабинет.

„И покрај тоа што е на годишен одмор, министерот е во секојдневна координација и комуникација, и е во тек со сите случувања поврзани со процесот на имунизација како и епидемиолошката состојба во земјата. Министерот како и секогаш е достапен и за медиумите. Министерот Филипче, уште на 29 јули кажа дека ќе користи годишен одмор“, информираат од МЗ.

Стручната јавност се погласно алармира дека мерките доцнат и оти надлежните на време требало да го спречат ширењето на делта варијантата. Докторите прогнозираат дека до крајот на месецов дневниот број на новозаразени би можел да се искачи и до 1600 случаи, а тоа повторно да ги оптовари болничките капациетети. Македонија е далеку од посакуваниот колективен имунитет, а тоа отвора простор вирусот слободно да циркулира особено помеѓу младите.

Во меѓувреме, бројот на активни случаи во Македонија надмина 1000, а за само три дена, како последица од корона вирусот починале 8 пациенти. Дури кај 30 пациенти заразени со Ковид-19 бил детектиран опасниот делта сој.

Од МЗ информираат дека од вкупно 416.000 вакцинирани со две дози, 167 лица се заразиле 14 дена по примена втора доза вакцина, а само 11 од нив биле хоспитализирани. Само 10% од сите активни случаи во јули, се заразиле со ковид по примена втора доза. Помеѓу позитивните, имало вакцинирани со Синофарм, Астра Зенека, Спутник В, Фајзер, како и лица кои се вакцинирале во странство со вакцината на Модерна.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста