Коалициониот брак најважен: Заев нема да бара одговорност од Џафери, ќе барал само објаснување за кршењето на Уставот

Премиерот Зоран Заев нема да бара одговорност од Талат Џафери, ќе чекал објаснување за прекршувањето на Уставот. Ова е ставот на првиот човек на Владата, за потегот на собранискиот спикер да говори албански во Европскиот парламент, во улога на официјален претставник на Македонија. Можеби малку чудно, но според Заев човекот што го прекршил бил еден од главните чувари на македонскиот Устав.

-Нема да побарам одговорност затоа што очекувам од претседателот на Собранието, да го објасни тоа што таму се случило. Затоа што тој е еден од главните чувари на Уставот на Македонија. Очекувам секако почнувајќи од себе, така и сите ние да бидеме пример на почитувањето на Уставот. Како што и очекувам конечно да се направи чекор во почитувањето на Уставот во поднесувањето на амандманите, изјави Заев.

Во моменти кога Бугарија ни го негира постоењето на јазикот пред 1945-тата година, Заев најде оправдување за Џафери. Решил да не говори на македонски, бидејќи бил провоциран од претставници од Бугарија.  

-Имаше три сесии, на двете сесии зборуваше на македонски јазик, на третата зборуваше на албански јазик, испровоциран точно од некои поединци од соседна Бугарија, изјави Заев.

Сепак според Талат Џафери во неговиот потег немало ништо лошо. Вели си го користел мајчиниот јазик и не го прекршил Уставот на Македонија. Потенцира и дека немало потреба да се извинува што говорел албански како официјален претставник на Македонија.

-Останувам на ставот дека не сум го прекршил Уставот и останувам на ставот дека некому не му дозволив фешта во Комисијата за надворешна политика во Европскиот парламент. Решив по убедување дека сум океј. (А по устав?) Решив дека сум океј со природното право, а состојбите потоа се дополнителни аргументи за се тоа, изјави Џафери.

Уставните експерти се на ставот дека потегот на собранискиот спикер е класично кршење на Уставот. Сметаат дека Џафери морал да понесе одговорност, бидејќи станало редовна пракса од највисоките политички чинители да го прекршуваат Уставот.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста