Џафери конечно се огласи за албанскиот во ЕП: Си го говорев мајчиниот јазик, не го прекршив Уставот
Си го користев својот мајчин јазик и не го прекршив Уставот на Македонија, порача собранискиот спикер Талат Џафери. Тој конечно се огласи по скандалозниот потег, кога говорејќи на албански во улога на официјален претставник на државава во Европскиот парламент, го прекрши Уставот. Смета дека немало потреба да се извинува, бидејќи го користел својот мајчин јазик.
-Останувам на ставот дека не сум го прекршил Уставот и останувам на ставот дека некому не му дозволив фешта во Комисијата за надворешна политика во Европскиот парламент. Решив по убедување дека сум океј. (А по устав?) Решив дека сум океј со природното право, а состојбите потоа се дополнителни аргументи за се тоа, изјави Џафери.
Додека Џафери тврди дека не го прекршил Уставот, професорката по Уставно право од Правниот факултет, Тања Каракамишева вели дека потегот на собранискиот спикер е класично кршење на Уставот, кое не смее да си го дозволи човек на таа функција. Според неа Џафери морал да понесе одговорност, бидејќи стана редовна пракса од највисоките политички чинители, да го прекршуваат Уставот.
-Забележуваме дека во земјата продолжува онаа практика на прекршување на Уставот и законите од највисоките политички претставници на земјата. Со што директно се повредува владеењето на правото од оние кои се најповикани и треба да бидат пример за останатите граѓани како и треба да бидат пример за останатите граѓани како треба да се почитува Уставот и темелните вредности на уставниот поредок на земјата, изјави Каракамишева.
Џафери како официјален претставник на Македонија го користеше албанскиот јазик на состанок на собраниските спикери од Западен Балкан, а состанокот го водеше претседателот на Европскиот парламент.
Матеја Петровски