Ќе отворат ли антикорупционерите предмет за набавка на кинеските вакцини ?

Ќе отворат ли предмет aнтикорупционерите за набавката на кинеските вакцини? Комисијата веќе пет дена собира податоци, а велат откако ќе заврши овој процес ќе биде донесена одлука. ВМРО-ДПМНЕ вчера до нив ги  достави документите со кои тврди дека Министерството за здравство требало да набави 200 илјади вакцини по 62,5 долари за доза.

“ДКСК е во процес на прибирање податоци и информации за набавката на кинеските вакцини со цел да се утврди дали има елеманти за постапување од своја надлежност. По предметот од ВМРО ДПМНЕ секако мора да постапуваме.” – велат од Државната комисија за спречување на корупцијата.

И покрај повиците од Антикорупциска и јавноста, да се вклучи и обвинителството во случајот со набавката на вакцините од Кина, од таму засега молк.

За скандалот со набавката на кинеските вакцини објави италијанскиот весник „Ла верита“ кој наведе дека Заев и Филипче сакале да купат вакцини преку фантом фирма од Хонгконг формирана во 2017та и дека поради тоа е вратен авансот.  Весникот ги објави и писмата кои македонскиот министер за здравство ги испратил до производителот „Синофарм“ преку фантом компанијата.

Она што чудно е дека во целата постапка за набавка на вакцините  не било вклучено МНР. Османи ги пушти низ вода  Заев и Филипче. Тој тврди дека од него никој не побарал да исконтактира со кинеското МНР, а целиот процес за набавката се одвивал помеѓу Министерството за здравство и кинеската амбасада.Премиерот и министерот пак се иземаат од одговорност.

Претходно во телевизиско гостување Заев потврди дека Владата соработувала со приватни фирми за набавка на вакцини против ковид-19 . Јавно кажа дека причината поради која Кина го вратила авансот за вакцините била фирмата посредник, но тврди дека немало лоши намери и незаконски дејствувања.

Тој посочи дека во целата нарачка наводно им помогнала „Пауер Чајна“, мајка компанија на „Синохидро“, фирмата што ги гради патиштата во Македонија. Но според „Ла верита“ фирмата со која контактирале македонските власти е „Стабри“ и е  сосема друга од она што премиерот Заев го кажуваше дека се работи за компанија блиска до „Синохидро“.

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста