Капацитетите во градинките сериозен проблем – Штипската локална власт со иницијатива работите да се променат

Со слатки и сок,испоседнати по клупите … вака како во старите добри времиња, бабите од штипската приградска населба Три Чешми, ги чуваат внуците, додека нивните родители се на работа. Велат градинка во населбата немат. Тие што нема кои да ги чува мора  да патуваат и повеќе од десетина километри само во еден правец за да стигнат до најблиската градинка во штип.

Едното во рака, другото за рака. Уште рано сабајле ги носат. Греота се толку рано да стануват!Некој навистина нема кои да ги чува, бабите се уште им работат„-вели Шијка Харизанова, жителка на Три Чешми.

  „Еден исчував, овој ми е втор.Поголемиот не го пуштив во градинка, јас си го исчував. Овој ќе оди! Но во која градинка се уште не знам.„-вели Зоран Ефремов, жител на Три Чешми.

Изградба на градинка е децениска желба на жителите од оваа приградска населба. Преадаптација на просторија во училишната зграда или изградба на нов објект,би можел да го реши нивниот проблем.

  „ Темелите на старата продавница се здрави, ем е блиску до училиштето. Може да се земе во предвид и во сред населба ќе биде„-изјави Елена Гркова, жителка на Три Чеши.

Со долгогодишниот проблем се запознати и од локалната самоуправа на Штип. Постои план дел од училишните простории во Три Чешми се наменат за згрижување на деца, објаснува градоначалникот на Штип, Иван Јорданов. Во брзо време таквата иницијатива ќе биде преточена на хартија и ќе се достави до Министерството за труд и социјална политика.

Немањето доволен број на градинки е проблем со кој се соочуваат речиси сите општини, па родителите се приморани да водат битки за секое слободно место. 

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста