Какви последици кон девојчињата кои се најдоа во групата на „Телеграм“ може да донесе „Јавна соба“?

Какви последици може да донесе интернет непромисленоста кај младите? Компромитирачки фотографии од малолетни девојчиња завршија во група со повеќе од 7.000 членови на социјалната мрежа „Телеграм“. Се поставува прашањето- како ова може да влијае врз психичката состојба на младите девојки чии фотографии се најдоа во групата на Телеграм, а беа видени од голем број луѓе. Ана Битуљану од Првата детска амбасада во светот Меѓаши ги повикува сите девојки кои се нашле во оваа група да побараат стручна помош, вели последиците може да бидат доста негативни.

-Да побараат стручна поддршка и помош. Начините на влијание може да бидат од повлекување во себе, до потполно на некој начин негативна изложеност кај децата. Така што не би требало воопшто да биде занемарливо. Истовремено не препорачуваме ниту криење, ниту повлекување, туку на одреден начин без обиди за стигматизација, справување со ова, вели Битуљану за Алфа.

За ваквото однесување кај децата од основните и средните училишта сигурно не се криви само тие. Битуљану вели дека никој не може да биде амнестиран, ниту родителите, ниту наставниот кадар и стручните служби, а најмалку младите.

-Младите се однесуваат онака како што е дозволено или како што едно општество ги упатува. Во секоја од овие групи има потреба за делување, и меѓу родителите да обрнат повеќе внимание на своите деца, училиштата, наставниот кадар, стручните служби, секако. Меѓутоа и самите млади да поттикнуваат и одговорно да се однесуваат и во однос на сопствените идентитети, вклучително и сексуалниот идентитет, но и во однос на злоупотребата и употребата на технологиите кои им се и повеќе од секојдневие, изјави Битуљану.

Се уште не се знае кој е администраторот на групата под кодно име „Медо“, кој и самиот повеќе не е дел од овој групен чет. Полицијата работи на расчистување на случајот „Јавна соба“, од таму информираат дека побарале од телекомуникациската апликација „Телеграм“ оваа група да биде затворена. Истата пред да стане позната во јавноста, имаше 7.400 членови, нивниот број сега е под 5.000.

„Јавна соба“ постои подолго време, а во јавноста за истата се дозна откако неколку средношколци чии фотографии завршиле таму проговориле за истата. Алармот го активираше професорка од скопско средно училиште, а јавноста и невладините реагираа жестоко, згрозени се од содржината и коментарите кои се појавија во оваа група.

Матеја Петровски

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста