Каде се ветените вакцини од Грција и Бугарија?

Бугарија и Грција ветија, ама не испратија ниту една доза од вакцините против Ковид во Македонија. Владата уште кон крајот на Декември се пофали дека соседните земји ќе одвоеле по некоја доза од вакцините за нашите граѓани. Но, откако извисивме, надлежните се правдаа дека соседните земји добиле помалку дози од предвиденото, па затоа не споделиле со земјава.

Од опозицијата пак алармираат – со лажните вести за вакцините, Власта ја поткопува довербата на здравствените работници и го става во ризик здравјето на граѓаните.

„Тоа што го сокрија Филипче и владата е дека во Бугарија им е децидно кажано – „Имаме можност за препродажба и донирање на вакцини против КОВИД-19, по покривањето на националните потреби ќе обезбедиме вакцини и за граѓаните на Македонија“, директна порака од бугарскиот министер за здравство, Костадин Ангелов. И ден денеска, Филипче, Заев и власта не знаат колку вакцини им се потребни, колку воопшто ќе добијат и дали воопшто ќе добијат“, вели Наум Стоилковски.

Министерот за здравство Филипче појасни – вакцини ќе стигнеле преку земјите од ЕУ, но досега немало оти и тие самите добиле помалку отколку што очекувале.

„Некоја количина од своите, но јасно ни укажуваат дека главен проблем зошто тоа досега не беше направено е во количината што ја добиле. Таа е значајно помала, некаде десетина од планираната за нивните земји“, вели министерот за здравство Венко Филипче.

Првите вакцини на „Фајзер“ кои Министерството за здравство ги купува директно од производителот ќе стигнат во февруари. Истиот месец се очекува да стигнат и вакцините преку КОВАКС механизмот на Светската здравствена организација.

Сепак, Македонија останува последна во земјите од опкружувањето каде вакцинацијата против Ковид 19 се уште не е почната. Прва вакцината на Фајзер ја доби Србија. Тие на 24 декември почнаа со апликацијата на првите дози. Во Србија веќе стигна и втората пратка од вакцините. Бугарија и Грција имунизацијата ја стартуваа пред Новата година заедно со останатите земји членки на ЕУ. Последна во низата беше Албанија, каде вакцинацијата почна минатата недела. Албанија кон крајот на овој месец ги чека и најавените 10.000 дози од „Фајзер“.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста