Нови условувања сега и од Атина: Грција бара Северна да се користи и на интернет порталите

Северна мора да се стави на сите интернет портали, а Сонцето од Кутлеш мора да биде тргнато од сите јавни површини. Грција го искористи моментот на кризата со Бугарија, да испорача нови барања до Македонија. Овие непријатни пораки ги испраќа шефот на грчката дипломатија, Никос Дендијас, по средбата  со војот колега Бујар Османи. Не пофали дека сме напредувале во однос на Преспа, но морало уште да се работи.

-Потребен е поголем прогрес – од една страна во користењето на името и терминологиите од сите државни институции и приватни субјекти, вклучувајќи и интернет-страници, а од друга страна потребен е и прекин на антиквизацијата – отстранување на сонцето од Вергина од сите јавни површини, преименување на патишта и објекти. Она што е кристално јасно во Преспанскиот договор е јасноста за она што се случи во античкиот период, а едно е јасно – со сета почит, вашите сонародници, а вие тоа го прифативте, не биле дел од кампањите на Александар, изјави Дендијас.

Османи сепак задоволен од посетата во Атина. Вели вистинско задоволство било да се почне годината со вака успешна посета на Грција. Тема на разговор меѓу Османи и Дендијас биле и европските интеграции и сојузништвото во НАТО.

-Како непосреден сосед кој воедно и членка на ЕУ, сметам дека е особено важна принципиелната поддршка од страна на Грција за почеток на преговорите со Македонија, без одложување. Ја цениме оваа поддршка и ја сметам за еден од клучните инпути во создавањето долгорочно пријателство меѓу двете земји. Во истата насока сакам да ја нагласам и соработката во рамките на НАТО, преку аранжманот меѓу двете држави за заштита на воздушниот простор, што во голема мера придонесува за унапредување на довербата меѓу двете земји на политички и безбедносен план, изјави Османи.

Тема на средбата меѓу министрите за надворешни работи била и пандемијата. Дендијас рече дека Грција вложува напори за обезбедување вакцини за Македонија, а тој лично ќе продолжи со напорите, додавајќи дека и премиерот Мицотакис бил многу активен во овој контекст.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста