Сад одбројува до инаугурацијата на новиот шеф на Белата куќа

46. претседател на Соединетите Држави ќе ја преземе функцијата во среда, точно напладне. Пред него има многу предизвици – справување со пандемијата и економијата, но пред се надминување на длабоката поделеност во американското општество.

По насилствата во Конгресот досега невидено обезбедување во главниот град. Америка останува поделена, а граѓаните од источниот до западниот брег се загрижени во пресрет на инаугурацијата.

Има многу луѓе кои се поддржувачи на Доналд Трамп, а кои се полути од гнездо стршлени. Тие се опасни. Не мислам дека ќе се повлечат, изјави Дон Вилијамс, жител на Сиетл


Поддржувачите на Џо Бајден велат дека противниците уште од старт ја поткопуваат улогата на новиот претседател.

Постојано се обидуваат да кажат дека тој е нелегитимен претседател, а ова е само почеток на неговиот мандат, воочува Сакура Шлегел, жителка на Сиетл

Други пак стравуваат поради прогресивните политики на Џо Бајден.

Очекувам економски, политички и социјални катастрофи од едноставна причина, тој е социјалист, изјави Рамон Санчез, жител на Мајами

Има и такви кои велат дека претседателот мора да биде почитуван, без оглед за кого станува збор.

Се надевам дека ќе работи одлично. Тој сега е наш претседател, како што го почитував Доналд Трамп, се надевам дека Џо Бајден ќе го направи најдоброто за Америка, истакнува Ерик Кастро, жител на Мајами

Најголем предизвик за новиот претседател ќе биде токму тоа – премостување на длабоката поделба во американското општество.

Се надевам дека Бајден може да ја обедини нацијата. Има многу, мислам дека може да се нарече политичка сегрегација, дополнува Марк, жител на Санта Моника

Хаос е. Не знам како ќе го поправат тоа. Се надевам дека можат, вели жител на Сиетл

И додека земјата се подготвува за новиот претседател, Конгресот продолжува да работи на отповикување на актуелниот, иако до крајот на неговиот мандат остануваат само пет дена.

Со 232 наспроти 197 гласови, Претставничкиот дом изгласа импичмент. Поддршка дадоа и 10 Републиканци. Постапката сега се префрла во Сенатот каде исходот е далеку од извесен. Законодавците ќе бидат зафатени со Доналд Трамп во првите денови од мандатот на Џо Бајден.

Тоа е жално за Бајден и жално за земјата, во најголем дел зашто она што сите го чекаме е обезбедување на пари за Ковид-19, вели Елејн Камрак од Институт Брукингс

Во анкета спроведена на национално ниво 56% од регистрираните гласачи рекле дека сметаат оти Доналд Трамп е одговорен за насилствата во Конгресот, нешто над половината велат дека тој треба да биде отповикан.

Постапката за отповикување на Доналд Трамп ќе продолжи и по истекувањето на неговиот мандат. Доколку биде успешна тој ќе има доживотна забрана да извршува функција на федерално ниво.

За Алфа, од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста